Меркел: Сè уште постои шанса за трговски договор по Брегзит – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 6:55 PM

Меркел: Сè уште постои шанса за трговски договор по Брегзит

Германската канцеларка, Ангела Меркел, денес изрази надеж дека Велика Британија и ЕУ можат да постигнат трговски договор по Брегзит во текот на претстојните денови, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Сè уште постои шанса за договор“, изјави таа за германските пратеници за време на дебатата за предлог-буџетот на Владата за 2021 година.

„Не верувам дека ќе бидеме во можност да знаеме до утре дали ќе го постигнеме ова или не. Не можам да го ветам тоа. Но сè уште работиме на тоа“, додаде таа.

Британскиот премиер, Борис Џонсон, ќе се состане со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во Брисел, за да разговараат за постигнување трговски договор по Брегзит пред истекување на преодниот период, што истекува на 31 декември.

Меркел изјави дека членовите на ЕУ се исто така подготвени за сценарио без договор доколку британската страна постави неприфатливи услови за време на преговорите.

Лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се состанат во Брисел утре на дводневен самит за да дискутираат за излезот на Велика Британија од Блокот, за пандемијата на Ковид-19, климатските промени и за други меѓународни прашања.

Односи ЕУ – Турција

Меркел изјави дека лидерите на ЕУ за време на самитот, исто така, ќе дискутираат за неодамнешните тензии во Источниот Медитеран и за односите со Турција.

Канцеларката изрази жалење дека и покрај значителните напори на Берлин во последните шест месеци, тие не можеле да постигнат голем напредок во негувањето на дијалогот меѓу ЕУ и Турција.

Таа ги критикуваше активностите за сеизмички истражувања на Анкара во Источниот Медитеран, но не даде никаков коментар за неодамнешните повици на Грција и администрацијата на кипарските Грци за воведување строги санкции кон Турција.

„Сега треба да донесеме одлука како понатаму“, рече таа.

Во екот на последните тензии во регионот, Грција и администрацијата на кипарските Грци го зголемија притисокот врз другите членки на ЕУ за воспоставување ембарго за оружје или строги санкции кон Турција.

Германија, која е претседавач со ЕУ, и голем број од земјите членки на унијата досега не сакаа да преземат такви активности.

Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрли побарувањата за поморските граници на грчката администрација и на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни побарувања ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.

Анкара во последните месеци испрати неколку бродови за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, потврдувајќи ги своите права во регионот, како и оние на Турската Република Северен Кипар.

Турските лидери постојано нагласуваа дека Анкара е за решавање на сите отворени проблеми во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалог и преговори.