Многу мажи имале проблеми бидејќи жените им биле убави: Скандалозен учебник од Филозофски заработи тужба за утврдување дискриминација – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 1:47 PM

Многу мажи имале проблеми бидејќи жените им биле убави: Скандалозен учебник од Филозофски заработи тужба за утврдување дискриминација

„Основа на приврзаноста на еден човек за определена жена е очекувањето таа да му овозможи задоволување на главната потреба“, „разводот на родители во детството е силен социјален предвесник на предвремена смрт во средовечна доба“, „секој член на семејството има дел кој е личен, а кујната претежно е личен простор на домаќинката“- ова се само дел од контроверзните ставови изразени во учебникот „Основи на пенологијата 2“ кој се користи во наставната програма на Филозофскиот факултет при УКИМ, за кој Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација поднесоа тужба за утврдување на дискриминација.

Ова всушност е и прва тужба против учебник од високото образование врз основа на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

Според Маргини вознемирувачките содржини вклучуваат: обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременоста и квалификувањето на истополовите партнерства како забеганост.

 

– Институциите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација. По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Дополнително, споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет, наведуваат од Коалицијата Маргини.

Покрај судската постапка Коалиција Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација ќе започнат со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.