Необични наследници: Французин во својот тестамент оставил пари за 50 мачки кои живеат во рускиот музеј Ермитраж – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/20 11:42 AM

Необични наследници: Французин во својот тестамент оставил пари за 50 мачки кои живеат во рускиот музеј Ермитраж

Дарежлив француски филантроп оставил значителна сума на пари во својот тестамент на необични наследници – еден куп мачки кои живеат во Државниот музеј Ермитраж во Русија.

Во музејот или пак можеби „мјаузеј“ во Санкт Петербург, живеат околу 50 мачки, а е дом на три милиони уметнички дела, артефакти и склуптури распостранети низ зградите и Зимската палата.

„Си-Ен-Ен“ наведува дека таму имало мачки уште од времето на царицата Елизабета која владеела од 1741 година до 1761.

Катерина Велика, основачот на Ермитраж, на мачките им дала статус на чувари на уметничките галерии, објави руската државна новинска агенција РИА Новости, истакнувајќи дека мачките биле таму со цел да ги чуваат просториите од глодари.

Сега за мачките се грижат волонтерите и вработените во музејот, а се поддржани од донации. Мачките во музејот имаат и своја машина за перење и ги користат услугите на локален ветеринар.

Генералниот директор на музејот Микаил Пиотровски, на прес-конференција истакнал дека неименуван француски филантроп бил толку воодушевен од животните, што им оставил „мала сума пари“ во неговиот тестамент.

– Нашиот француски пријател направи голема работа, ова е одличен ПР и за мачките, но и за хуманоста. Сумата не е многу голема, но е значајно кога една личност пишува тестамент, па потоа француските адвокати не контактираат и не е така едноставен процес, но е многу интересен нели, вели директорот.

Парите како што вели директорот најверојатно ќе бидат искористени да се поправат подрумските простории каде што живеат мачките.

– Мислам дека мачките ќе ги кажат своите желби, нашите колеги се многу добро упатени во комуникацијата и разбирањето на нивниот јазик, се пошегувал Пиотровски.

Неименуваниот французин сепак не е единствениот што паднал на шармот на мачките. Според Пиотровски поранешниот претседател на руската Академија на науките, Владимир Фортов, бил „постојан пријател“ на мачките на Ермитраж. Фортов кој починал минатионт месец, често и  застанувал покрај музејот за да остави пари за животните.

Годинава повеќе од 800 луѓе доставиле фотоградии од мачките за денот на мачката во Ермитраж.