Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа утре во Прилеп ќе одржи средба со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.
Како што најавија од неговиот Кабинет, средбата е закажана за 12 часот, во административната зграда на Општина Прилеп.
Незадоволните тутунари од Прилепско по вчерашниот предупредувачки протест, денеска протестираа во центарот на градот и пред откупниот пункт на Тутунскиот комбинат, а за среда најавија блокади. Побараа итна средба со надлежните и порачаа дека јавно ќе го изразуваат својот револт се додека не се реши проблемот со ниската откупна цена и проценката на родот која, според нив, не е реална. Предупредија и дека нема да го даваат тутунот за помалку од 200 денари по килограм.
Поради ниските откупни цени на протест излегоа и струмичките тутунари од селата Радичево и Ново Село. Побараа реална проценка на тутунот и укинување на четвртата класа. Укажаа дека откупните цени засега се многу ниски и побараа Владата да преземе мерки за да се надмине состојбата. Во спротивно, најавија, секојдневно ќе продолжат со протестите.
Министерот Хоџа во петокот имаше средба со тутунопроизводителите и откупувачите. Како што изјави додека се уште траеше средбата, се размислува за укинување на четвртата класа тутун за да се зголеми откупната цена. Воедно апелираше на трпение – да се причека да се отворат сите пунктови, па потоа да се излегува со оценка каков е откупот. Порача и дека целата договорена количина тутун ќе биде откупена.