Речиси сите заразени со коронавирус во штипскиот регион се со симптоми, на Инфективно се лекуваат 59 пациенти – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/20 4:08 PM

Речиси сите заразени со коронавирус во штипскиот регион се со симптоми, на Инфективно се лекуваат 59 пациенти

Во штипскиот регионален Ковид центар секојднево се менува бројот на хоспитализирани. Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска денеска информираше дека во овој центар се лекуваат 59 пациенти, од кои 23 се на кислородна поддршка.

Во Инфективното и Кожното одделение има слободни 10 болнички кревети. Во изминатите 24 часа на Инфективното одделение нема починат пациент.

Директорката на Центарот за јавно здравје во Штип, Марија Димитрова вели дека во штипскиот регион сите заразени се со симптоми без разлика дали болеста ја поминуваат полесно или завршуваат во болница. Асиптоматски случаи веќе нема.

Според бројките на Центарот за јавно здравје, доминираат работници во фабрики, но има и административци во сите државни и локални институции, а тука се и студентите. Работоспособното население било на удар на вирусот во ноември. На возраст од 20 до 59 години регистрирани се 450 случаи, а над 60 години 114 случаи.

 

МИА