Самостојниот синдикат за образование, наука и култура денеска побара од Министерството за труд и социјална политика веднаш да реагира и да се реши проблемот во врска со незаконското зголемување на работното време на воспитувачките и негувателките во градинките, кои наместо да работат 6 и 7 часа, наложено им е да работат фиксно 8 часа.
Како што изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, согласно закон и Колективниот договор, работното време е регулирано на 6 часа за воспитувачките, и 7 часа за негувателите. Тој додаде дека инспекцијата при Министерството за труд и социјална политика не го почитува ова работно време и издава решенија до директорите, со кои им наложува да го реорганизираат работното време и фиксно да се работи 8 часа.
Неделков на денешната прес-конференција рече дека согласно законот и Колективниот договор, работа со деца е шест и седум часа, останатите часови, до 8 часот на работно време се регулира со посебен акт каде што дополнителните прoграмски активности се реализираат или во установата или во други работни средини.
Директорите на градинките, како што посочи Неделков, поттикнати од инспекторите од Министерството за труд и социјална политика им наложуваат на вработените да седат внатре во градинките.
-Со оглед на условите за работа кои градинките најчесто ги немаат во однос на посебни простории, во однос на информатичка технологија, во однос на пандемијата која зема се поголем замав, спротивно на тоа директорите поттикнати од инспекторите од Министерството за труд и социјална политика им наложуваат на вработените да седат внатре во градинките. Практично, тие бесцелно седат на работното место, а работата која што дополнитeлно треба да ја извршат повторно мора во домашни услови да ја реализираат, рече Неделков.
Тој додаде дека на овој начин грубо се крши и законот и колективниот договор од работното време на вработените во детските градинки.
Сепак, најголема реакција, како што посочи, е во однос на непочитување на протоколите на вработените во детска заштита, односно необезбедување сигурни и безбедни работни услови за работа.
Од тие причини СОНК бара веднаш Министерството за труд и социјална политика односно министерката во рамките на своите надлежности да побара овој проблем еднаш засекогаш да се реши, и тоа што побрзо.
-Бараме од директорите на установите да ги преиначат решенијата кои ги издале до вработените за да се врати старото работно време од 6 и 7 часа за овој персонал. Бараме од трудовата иснпекција да влезе во градинките, да испита дали имаат безбедни услови за работа бараме да констатира дали има пишана изјава од директорите за безбедност и здравје при работа. Бараме од трудовата инспекција да провери дали се почитуваат протоколите за работа, посочи Неделков.
Појасни дека СОНК ќе побара и одговорност на инспекторите кои го кршат законот и колективниот договор. Исто така, како што посочи, за ова ќе ги информира и европските синдикални пријателни, поточно Европска конфедерација на синдикати за образование, каде спаѓаат и детските градинки.
МИА