Започна подготовката за меѓународните тестирања на ПИСА и ПИРЛС – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/20 1:26 PM

Започна подготовката за меѓународните тестирања на ПИСА и ПИРЛС

Со меѓународните тестирања следната учебна година ќе бидат опфатени околу 7000 ученици во државава. Околу 4000 четвртоодделенци ќе бидат опфатени со ПИРЛС тестирањето, а околу 3000 15-годишници ќе бидат дел од пилот-тестирањето на ПИСА.

ПИРЛС тестирањето опфања читање со разбирање, а ПИСА ги мери категориите: читање со разбирање, математичка писменост и писменост во природните науки и за прв пат годинава ќе се спроведе електронски.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска потенцираше дека МОН работи на развивање на квалитетно инклузивно образование. Тоа според неа значи образование кое е во согласност со светските современи трендови и создава граѓани кои размислуваат критички и кои што донесуваат одлуки врз основа на факти и анализи.

Меѓународните тестирања како што потенцира Царовска, се значајни за позиционирање на нашиот образовен систем во светот, но и токму тие го покажуваат степенот на знаење на нашите ученици.

– Нашите ученици досега најголем процент од нив го репродуцираат своето знање или тие се обучени за тоа. Наспроти она што е светски тренд, а тоа е дека тие треба да се оспособат да го искористат своето научено знаење во непознати ситуации во училиштето и надвор од него. Токму за таков тип на образование ќе се стремиме во наредниот период, рече Царовска потенцирајќи дека во следниот период треба да се мотивирани учениците и наставниците, но и родителите.

Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, истакна дека ваквите меѓународни тестирања и анализи претставуваат референтен извештај за квалитетот на образованието.

– Генерациите кои сега се школуваат ќе бидат граѓани на Европска Унија. Затоа е важно да знаеме кои се кои се светски трендови и во која мера нашето образование ги подготвува младите за иднината. Покажува во која мера образовниот систем го поддржува развојот на економијата и општеството, изјави Наумовска, потенцирајќи дека не е важно каде сме денес, туку како да се подобриме утре.

Националната координаторка за меѓународни тестирања, Бети Ламева, истакна дека сме една од државите со најголем пораст во сите категории на ПИСА тестирањето, односно во трајното знаење кое се бара од учениците.

Ламева истакна и дека се направени анализи кои укажуваат кои ученици обично се подобри на овие тестирања и што треба да се направи да се задржи трендот на подобрување, но и да се подобрат резултатите.