Доколку се создадат услови и епидемиолошката ситуација е поповолна, учениците би можеле да се вратат во училиште следното полугодие, но само со одобрување од здравствените власти. Сепак министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека постојниот начин на образование дава резултати и наставата треба да продолжи во тој правец.
– Тоа што може да го кажеме е дека моделот што како држава го избравме за спроведување на образованието за време на ковид покажа успешни резултати. Ние избравме хибриден модел, некои се во училиште, некои онлајн а некои како техничките и практични училишта каде што има пракса се и во училиште и онлајн. Јас сметам дека на овој начин треба да продолжиме и во наредниот период. Доколку се создадат услови за да сите ученици се вратат во училиште, тоа и ќе го направиме, но за тоа сепак одлучуваат здравствените власти затоа што кај нив е знаењето концептот за надминување на пандемијата која што е здравствен проблем во моментот. Образованието се прилагодува затоа што имаме единствена цел да го заштитиме здравјето на наставниците, учениците и целото население, но и да имаме континуитет на образованието, одговори Царовска на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Таа повтори дека 90 отсто од учениците и наставниците без проблем се вклучени во онлајн наставата, а првото тримесечие поминало без поголеми проблеми.
Позитивни на коронавирус заклучно со четврти декември се 76 ученици и 167 наставници, што според министерката укажувало на целосно спроведување на протоколите.