Читајќи песни и приказни, со моето поголемо синче создаваме современи бајки: Интервју со Милена Ристова-Михајловска, добитник на наградата „Бели мугри“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/20 4:34 PM

Читајќи песни и приказни, со моето поголемо синче создаваме современи бајки: Интервју со Милена Ристова-Михајловска, добитник на наградата „Бели мугри“

„Запирка“ е насловот на поетскиот ракопис кој на поетесата Милена Ристова-Михајловска и’ ја донесе наградата „Бели мугри“ што традиционално и годинава е доделена од Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје. Книгата се’ уште го нема видено „светлото на денот“, па пред љубителите на поезијата ќе биде промовирана на 22-ри месецов. Промоцијата ќе се случи во рамките на манифестацијата „Денови“ која Установата ја организира традиционално посветувајќи ја на раѓањето на поетот, Кочо Рацин.

Во интервју за Македонски медиа сервис, поетесата открива дека „Запирката” како наслов според нејзината симболика е миг на здивнување и земање воздух за нови походи или повторно раѓање.

„Во последниве две  децении постојано читам стручна литература и пишувам стручно – научни трудови. Тие бараат поголема посветеност и повеќе време. Во целата таа динамика, последнава деценија пишувам поезија во делот за забелешки во телефон и тоа кога патувам, пред да заспијам, во моменти кога мозокот ми одмора од секојдневните обврски ми се раѓаат стихови.  Збирката Запирка  е создадена баш така. Од раѓањето на мојот втор син во јануари 2019 кога ја издадов претпоследната збирка, се’ до јули ова лето“,  вели Ристова-Михајловска за ММС.

Таа забележува дека луѓето околу неа, се’ повеќе читаат и истакнува дека тоа особено ја радува. Самата сака да чита како поезија, така и проза, но највеќе чита стручни книги и публикации кои ги рецензира и уредува.

„Читам и рецензирам се’ што пишуваат моите академци од Книжевно – креативниот центар при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ и моите студенти од Катедрата за македонски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет при УГД – Штип“, додава поетесата, која е мајка на две деца, па сака љубовта кон литературата да им ја пренесе и ним.

„Им читам приказни и песни на моите деца и заедно со поголемото синче, раскажувајќи си, создаваме современи бајки“, објаснува Ристова-Михајловска која пред неколку месеци иницираше издавање Зборник на поетеси од Штип.

Таа е и автор на повеќе монографски публикации, a се јавува и како автор, уредник и рецензент на над 90 публикувани стручни, научни и уметнички трудови, но и како учесник, предавач и претставувач на македонската литература, уметност и култура на манифестации, конференции и предавања во земјава и во странство.

 

Вања Мицевска