Во Гевгелија почна поставувањето на модуларната болница: Деновиве почнува монтажа во уште 4 други градови – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/20 2:33 PM

Во Гевгелија почна поставувањето на модуларната болница: Деновиве почнува монтажа во уште 4 други градови

Денеска во Гевгелија започна поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе започне во Струмица, Куманово, Струга и Кичево. Во сите општини забрзано се  работи на активностите за реализација на проектот – тврди Министерството за здравство.

Интензивно се работи  на подготовки на терен, се расчистуваат локациите, локалните јавни претпријатија обезбедуваат приклучоци, стручните служби на единиците на локална самоуправа даваат поддршка за што поскора реализација на проектот од Светската банка – информираат денеска надлежните.

Генерално, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика. Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници.

Во Штип теренот е подготвен за бетонирање на подлогата, инсталациите се донесени до точките за приклучни места.

Денеска во Струга завршува бетонирањето на бетонската подлога, а сите инсталации се спроведени. Со забрзана динамика се работи на теренот во Гостивар, Кичево, Прилеп и Кавадарци. Во Кочани теренот е спремен и ќе започне бетонирање на подлогата.

Во Дебар и Тетово во тек се припремните работи.

Општина Охрид започна со расчистување на теренот и забрзано работи на обезбедување на пристапни патеки и спроведување на инсталации.Јавните претпријатија и општина Велес работат на расчистување на теренот и поставување на инсталации, имајќи во предвид дека локацијата е специфично поставена на терен во пад.

Во Ресен се работи на планирање на локацијата.

На сите 16 локации се работи истовремено.

Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти.