Некогашниот фудбалер на Работнички и Вардар му го донесе првиот бод на Ријека во групната фаза во Европа Лига, постигнувајќи погодок со глава на гостувањето на „Аноета“ против првопласиранот тим во шпанска Примера, Реал Сосиедад.
Дарко Велковски, кој претходниот месец беше дел од финалето на плејофот на Лигата на Нациите со репрезентацијата на Македонија и се квалификуваше за претстојното Европско првенство, одлично го проследи центаршутот од корнер на соиграчот Лука Менало и ја смести топката позади грбот на Алехандро Ремиро.
Ријека на крајот извлече само 2:2 и не успеа да победи на гостувањето во Шпанија, но го поправи впечатокот во европската кампања, особено ако се земе предвид фактот дека Реал Сосиедад сезоава игра на многу високо ниво и еден е од тимовите во Ла Лига што ќе се борат за местата кои водат во Лигата на Шампионите, а зошто да не и за титула.
Во групата Ф, Наполи е на врвот со 10 освоени бодови, Реал Сосиедад е втор со осум, исто колку и АЗ Алкмар, додека на дното од групата се наоѓа поранешниот хрватски шампион Ријека. Следното и последно коло на Ријека ќе му го донесе АЗ Алкмар на домашен терен. Наполи и Сосиедад на „Сан Паоло“ ќе решаваат за тоа кој ќе го освои првото место.
https://www.youtube.com/watch?v=Og-1nnfKnK0