Сириски новинар жртва на полициското насилство во Париз: Тоа што ми се случи, ме потсети на искуствата од Сирија – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/20 8:58 AM

Сириски новинар жртва на полициското насилство во Париз: Тоа што ми се случи, ме потсети на искуствата од Сирија

Насилството што го употреби француската полиција врз демонстрантите и новинарите, особено на демонстрациите на „Жолтите елеци“, предизвика големи реакции во последните неколку години, пишува Агенција Анадолија (АА).

Во демонстрациите на „Жолтите елеци“ повредени се речиси 1.000 лица, од кои 127 се новинари.

Голем број новинари беа повредени од полицијата во протестите кои се одржуваа против Законот за безбедност, кој беше цел на критики, со образложение дека со тоа ќе се наруши слободата на медиумите, приватниот живот и може да се зголеми полициското насилство.

Ал Халби, кој пред 3,5 години избега од режимот на Асад и дојде во Париз, главниот град на Франција, стана една од жртвите на полициското насилство на демонстрациите во Париз минатата недела.

Во 2017 година, Ал Халби го освои второто место во категоријата „Вест“ на Светската фондација за новинарски фотографии, со фотографија што го отсликува уништувањето на неговиот роден град Алепо.

Исто така, во 2017 година, Ал Халби со друга фотографија од Алепо, ја освои наградата „Bayeux Calvados“, која се доделува за воени репортери.

Во изјавата за АА, Ал Халби рече дека минатата недела ги следел демонстрациите во Париз и дека полицијата ги бркала демонстрантите додека оделе од Плоштадот на Републиката кон Плоштадот „Бастилја“.

Истакнувајќи дека тогаш сфатил дека започнале насилства и дека демонстрациите станале опасни, Ал Халби рече: „Во тој момент малку размислив. Тука сум за да фотографирам и решив да продолжам. Во тоа време не го очекував тоа и полицијата ме удри со палка во лицето. Паднав на земја. Се плашев да не останам на земја. Сите трчаа.“

Ал Халби исто така рече дека не му е јасно зошто полицијата го претепала со палки.

„Забележав дека фотоапаратот ми е облеан со крв“

„Во тој момент не сфатив што точно се случува. Размислував да продолжам да фотографирам. Почнав да не гледам добро. Потоа забележав дека фотоапаратот ми е облеан со крв. Во тој момент сфатив дека тоа што се случува не е нормално. Бев шокиран“, рече Ал Халби, додавајќи дека подоцна дошла брзата помош и дека е пренесен во болница.

„Ми беше многу тешко. Она што се случи, ме потсети на она што ми се случуваше во Сирија. [Во однос на тоа] Сирија е најлошата земја“, додаде Ал Халби.

Наведувајќи дека имал проблеми со спиењето по инцидентот и потреба од одмор, Ал Халби рече дека потоа дознал дека му е скршен носот од ударот со палка на полицаецот.

Ал Халби избегал од режимот на Асад и дошол во Париз пред 3,5 години, каде што започнал со обука за фотографија.

Тој истакна дека документарецот што го снима за магазинот „Полка“ ќе биде емитуван во април 2021 година.

Сирискиот новинар изјави дека француската новинска Агенција франс-прес (AFP), магазинот „Полка“ и организацијата „Репортери без граници“ го следат процесот на инцидентот.

Париското Обвинителство отвори постапка „Причините за повредата на Ал Халби“ на 30 ноември. Се наведува дека истрагата ќе ја спроведе Националната полициска единица за истраги.