Владо Бучковски е почитуван од бугарските општествени и политички чинители и е добро примен во тамошната јавност. Тој е одличен познавач на македонско бугарските односи и треба да придонесе кон создавање на позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија, изјави денеска на прес конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски одговарајќи на новинарсо прашања за одлуката на Владата да го именува Бучковски за специјален претставник за Бугарија.
„Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрување на односите со соседска Бугарија“, изјави Арсовски.
Појасни за што се разговара и дека нема потреба од нов договор или анекс на договорот и дека патоказот би бил во насока на зајакнување на довербата за поголема ефикасност и функционалност на Договорот за добрососедство од 2017 година.
„Се разговара за сите дилеми и загрижености што Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017, како да се забрза изградбата на Коридорот 8. Се разговара за тоа како да запре говорот на омраза, на кој начин да се забрза работата на историската комисија. Се ова е во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов договор и од анекс. Се што има потреба е да се дообјасни и да се детализира во некој придружен документ. Во таа насока е и патоказот за којшто реферирате. Тоа е една идеја што е во насока на зајакнување на довербата за ефикасност и функционалност на Договорот за добрососедство. Така што, Владата смета дека тој план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор надвор од преговарачката рамка“, рече Арсовски.
Г.Д