ОН: Хуманитарна помош во 2021 година ќе биде потребна на 235 милиони луѓе – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/20 8:50 AM

ОН: Хуманитарна помош во 2021 година ќе биде потребна на 235 милиони луѓе

Обединетите нации (ОН) известија дека на 235 милиони луѓе во светот ќе им бидат потребни хуманитарна помош и заштита во 2021 година поради последиците од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

ОН го објавија Глобалниот план за хуманитарна помош за 2021 година.

Во соопштението од Кабинетот за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA) наведено е дека „шокот Ковид-19“ го зголемил бројот на луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош во светот на рекордно ниво, при што има зголемен пораст од 40 отсто во однос на истиот период минатата година.

„Кога во 2021 година сите луѓе во светот на кои им е потребна хуманитарна помош би живееле во една земја, тоа би била петтата најголема држава на светот со 235 милиони жители. ОН и нивните партнери имаат за цел да помогнат на 160 милиони најзагрозени луѓе соочени со последиците од глад, судири, раселување, климатски промени и пандемијата на Ковид-19“, се наведува во соопштението.

Екстремната сиромаштија се зголеми за прв пат во 22 години.

ОН подготвија 34 планови за хуманитарна помош за 2021 година, покривајќи 56 земји. За милиони луѓе, на кои им е потребна хуманитарна помош, меѓународната заедница за следната година упати повик за донација во износ од 35 милијарди долари.

„Хуманитарниот систем уште еднаш се покажа вреден во 2020 година и пружи храна, лекови, сместување, образование и останати потреби на десетици милиони луѓе. Но, кризата не е готова. Хуманитарните фондови се соочуваат со сериозни празнини како што се влошува и глобалната пандемија“, порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Гутереш ги повика земјите да покажат солидарност со луѓето на кои им е потребна помош со мобилизирање на сите средства во најтешките времиња.

Марк Лоукок, помошникот на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, изјави дека богатите земји сега можат да ја видат светлината на крајот од тунелот, што не важи и за најсиромашните земји.

„Кризата на Ковид-19 однесе милиони луѓе во сиромаштија и доведе до брзо растечки хуманитарни потреби. Следната година ќе ни бидат потребни 35 милијарди долари за спречување глад, борба против сиромаштијата, вакцинирање на децата и нивно школување“, порача Лоукок.