Сообраќајниот хаос во Струга ги „паѓа“ кандидатите за возачи на полагањето за градско возење. Искуството покажува дека над седумдесет проценти од кандидатитите полагаат и по неколку пати, бидејќи сообраќајните аномалии во градот им го попречуваат патот кон добивање возачка дозвола. Стружанецот, Перпарим Истрефи кој е сопственик на авто-школа вели дека законот често се прекршува, но репресивните мерки сепак не се решение. Главната причина за метежот, според него, е еднонасочниот сообраќај во централното градско подрачје, поточно на улицата „Пролетерски бригади“.
-Целта на таа главна сообраќајна артерија беше да се изнајде решение за паркинг простор за возилата. Целата артерија опфаќа повеќе од сто возила кои може да се паркираат таму, но има злоупотреба. На пример, возилото ќе се паркира и ќе се остави цел ден и му се фаќа место на некој што сака можеби до банка да оди. Треба пак да се работи во овој правец и улицата Пролетерски бригади да биде пак двонасочна. Во летно време кога доаѓаат печалбарите, другата улица што е исто така сообраќајна артерија „Маркс и Енгелс“ се оптеретува многу и доаѓа до блокада или колапс на целиот сообраќај во Струга. Многу ни создава проблеми ваквата ситуација. Младите учесници во сообраќајот треба да се учат од постарите, од поискусните. Кога еден млад возач гледа некој ветеран како има лоши навики, тој ќе се научи на истото, ни изјави Истрефи кој смета дека полицијата и пазарот треба да се преместат на посоодветни локации кои може да „трпат“ поголема фреквенција на луѓе.
Ваквата ситуација во градот е најнебезбедна за пешаците бидејќи местата наменети за нив – тротоарите, се узурпирани.
Јавниот простор не е узурпиран само од несоодветно паркирани возила во услови на недостиг од паркинг места, туку и од урбаната опрема на угостителите. Ова, додава нашиот соговорник Истрефи само ги зголемува можностите за да настрада некој од пешаците.
Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, член 63
На оваа тема разговаравме и со адвокатот Ален Деребан, советник во Општина Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна, вели тој, нема доволно казни за непрописното паркирање, но од друга, самата општина не обезбедува доволно паркинг места. Тој го потенцира проблемот со еднонасочниот сообраќај во центарот на Струга, за што медиумите и претходно пишуваа.
Имено, во 2013-та година Советот донесе одлука сообраќајот на улиците „Пролетерски бригади“ и „Петнаесетти корпус“ да се одвива во две насоки, одлука која 4 години подоцна градоначалникот Рамиз Мерко ја промени. Потоа, советниците со 18 гласа „за“ и 7 „против“ донесоа заклучок со задолжение за градоначалникот да ја почитува одлуката и повторно да воведе двонасочен сообраќај за да се спречи хасот – посетува Деребан.
-Градоначалникот не ги испочитува ниту одлуката ниту заклучокот на Советот, поради што поднесовме барање за вршење вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Инспекторатот се прогласи за ненадлежен како и сите органи и во ситуација кога сите инспекторати се прогласуваат за ненадлежни и му се дозволува на градоначалникот да продолжи со ова самоволие. Ние како советници сме немоќни да се спротивставиме, изјави Деребан.
Со воведувањето на еднонасочниот режим на сообраќај се воведе и наплата на паркингот. Со паркинзите стопанисува Јавното претпријатие „Еко Струга“, кое во 2018-та година доби проширени надлежности според одлуки донесени на седница на Советот. Деребан тврди дека тие се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа без да се обезбеди законски пропишаната можност за нивно донесување.
-Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот. Советот на Општина Струга брои 27 советници ,а за да се донесат вакви одлуки потребно беше за нив да гласаат најмалку 14 советници. Наспроти ова, за овие одлуки гласаа само 12 советници. Поради тоа, ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ сите овие одлуки ги оспоривме пред Уставниот суд, објаснува Деребан.
По ова, Уставниот суд со Решение од 15.07.2019 се огласил за ненадлежен да одлучува по советничката иницијатива.
-Ние практично ги преземаме сите правни механизми што ни се на располагање, поднесувавме и барања за вонреден инспекциски надзор меѓутоа сите инспекторати се огласуваат за ненадлежни и одбиваат да постапат по нашите барања. Во ситуација кога не функционира ни извршната ни судската власт ние сме немоќни надвор од правните механизми да преземеме какви било други дејствија. Не само што ни се врзани рацете, туку имаме добиено одговор од Инспекторатот за локална самоуправа – кои сте вие да поднесувате барања, ние сами по службена должност внимаваме кои одлуки се противзаконски, вели Деребан.
Познавачите кои ги исконтактиравме, сметаат дека проблемот делумно би се решил со изградба на катни гаражи, барем монтажи. Оттука, ја прашавме Општината дали и кога планира да реализира ваков проект. Иако од кабинетот на градоначалникот потврдија дека ќе достават одговор, до објавувањето на сторијата, тоа не се случи. Изостанаа и одговорите на прашањата кои се аргументите за еднонасочниот режим на сообраќај на „Пролетерски бригади“ и на „Петнаесетти корпус“ и зошто не е испочитувана одлуката на советниците да се воведе двонасочен режим на сообраќај на споменатите улици?
На струшките улици активен и „пајакот“
Во однос на статистиките за овој проблем, надлежен е Секторот за внатрешни работи Охрид, од каде информираат дека од почетокот на 2019-та до 25 ноември истата таа година, полицијата констатирала 1067 непрописно паркирани моторни возила, чии сопственици се казнети согласно законската регулатива.
По истиот основ, со специјалното возило „пајак“ на струшките улици отстранети се 228 моторни возила во периодот јануари-октомври 2019-та година. Во истиот овој период во тековната година се бележи зголемување – специјалното возило кренало 893 неправилно паркирани моторни возила.
Сообраќајниот метеж и непрописното паркирање во Струга се и едни од најголемите локални проблеми според граѓаните кои учествуваа на работилницата што ја организираше Здружението Медиа плус. Освен ова, како проблем тие ја посочија и узурпацијата на јавниот простор со разноразни градби, од кои дел не се легално изградени.
Во однос на дивоградбите на крајбрежјето од струшката страна на Охридското Езеро, во мај годинава реагираа и екологистите и невладините организации, а Државната комисија за корупција побара со дивоградбите не само во Струга, туку и во Охрид да се справи Владата. Тогаш струшкиот градоначалник Мерко даде легендарна изјава за медиумите со која порача дека сепак ќе се гради:
„Во Струга треба да се гради и ќе се гради, а тоа што зборуваат невладините и екологистите баш ми е брига“ (прес конференција на Рамиз Мерко 20.05.2020).
Според Драгана Велковска од иницијативата „Охрид СОС“, оваа изјава само говори за тоа дека Мерко ги прекршува законите. Таа реагира и дека кога институциите би функционирале како што треба, првиот човек на Струга веќе би одговарал за овие постапки.
-Тоа беше јасен и официјален став на политичар и покрај сите проблеми што Струга ги има. Не би знаела да кажам што повеќе може да се очекува од човек од таков калибар. Како воопшто може да се очекува тој да разбере забелешки и загриженост или што точно му се прави на регионот и кои се последиците, кога тој не ја разбира сопствената одговорност како лие кое управува со општина која е во УНЕСКО регион. Мерко во повеќе наврати, па дури и при расправата за Законот за охридскиот регион што се одржа во Собранието во 2018 година не пропушти да покаже дека нема поим што значи да се управува со УНЕСКО регион. Тој не знае кои се неговите обврски како прв човек на општината, не знае кои се обврските што произлегуваат од меѓународниот договор од Конвенцијата за светското наследство за УНЕСКО. Тој упорно смета дека УНЕСКО треба да му даде пари, тој не добил пари од УНЕСКО и не разбира дека тој е оној кој треба да заштити и да унапреди.
-Функционери се бираат за да го заштитат јавниот, а не личниот интерес. Тие што го штитат личниот интерес додека извршуваат јавна функција припаѓаат во затвор, а не во фотелји, изјави Велковска, која потенцира дека со секоја дивоградба во една општина, се прекршуваат законите за урбанистичко планирање.
-Кога тој како прв човек на таа општина не ги ангажира капацитетите на општината за да се неутрализираат тие дела, тој всушност ги крши законите. Ние имаме само три илјади барања за легализација кои се формално доставени до институциите, а да не зборувам колку други дивоградби постојат во општината што воопшто не се поднесени до институциите. Самото тоа што тој одбива соработка со институциите е прекршување на законот. Тој како службено лице има должност сите кривични дела, сите прекршоци во рамки на својата општина да ги проследува до институциите и да бара нивна итна разрешница со што ќе спречи владеење на криминалот во неговата општина. Тој тоа не го прави, туку напротив. Самиот во повеќе изјави за медиумите застанал на страната на тој што го крши законот, смета Велковска.
Владата побара враќање на плажите, но како е на терен?
По изјавата на Мерко со која тој покажа незаинтересираност за справување со дивоградбите на и покрај плажите, Владата донесе уредба со барање концесионерите да ги вратат плажите во првбитната состојба, односно да ги урнат. Канал 77 ја праша Општината каква е реализацијата во пракса, на она што Владата го побара на хартија, но одговор повторно не добивме. Информациите пак, со кои располага граѓанскиот сектор говорат дека ништо не е отстрането.
-Тоа се истечени концесии, но и тоа е уште еден пример како првиот човек на општината ги крши законите и она што се смета за исклучително скандалозно е што на ДУИ им се допуштаат отстапки од ваква природа, бидејќи ДУИ не се партија која владее со автономна зона. Тие се дел од системот на Македнија и нивните функционери подлежат на истите закони како и обичниот човек. Не може за нивните функционери да важат едни закони, а за обичниот човек други закони. Еве и во овој поглед самиот Мерко ги крши законите, а ако не сам, тогаш тој овозможува кршење на законите, истакнува Велковска.
Ја прашавме и што за екологистите значи узурпацијата на плажите, ако се земе предвид реакцијата на концесионерите дека уривањето на објектите ќе донесе лоши економски последици.
Фото: Фејсбук/Охрид СОС
-Секако дека изгледот се нарушува, тоа е неспорно. Најпрво морам да кажам дека системот во кој живееме, ако ни е наметнат од неколкумина моќници, не’ програмира дека профитот е пред се’, па дури и пред човечкиот живот. Во една функционална држава, управувањето со јавните добра е исклучиво во служба на јавниот интерес. Во една нормална држава, јавното останува јавно. Тоа не е 40 отсто јавно, а 60 отсто приватно на хартија, што во пракса е 100 проценти приватно. Ние во пракса сме имале примери кога сме ги повикувале институциите за да спроведат јавно-граѓански, а не јавно-приватни партнерства бидејќи одржливиот развој и незаситниот глад за профит не можат да се спојат едно со друго. Ние имаме еден УНЕСКО регион во Македонија кој претставува милиони години стар екосистем и со него е неопходно да се управува одговорно, правично, со вклучување на низа граѓани, децидна е Велковска.
Според екологистите, постојат низа примери во светот за ефектите од приватизацијата по животот и благосостојбата на локалното население, животните и животната средина. Со ваквите примери како што е струшкото крајбрежје е дозвлуволено и Охридскиот регион да биде таков пример за приватизација на национално, светски признато наследство што не смее да биде така.
-Богатењето на неколкумина моќници значи осиромашување на најголем дел од населението во Македонија. Еден од најголемите проблеми во Македонија и во земјите каде што не функционираат институциите е тоа што имаме неказнивост, е ставот на екологистите.
Канал 77 ја праша општината колку дивоградби се регистрирани, сметајќи ги и оние градби за кои не е поднесено барање за легализација? Како и на останатите прашања, не добивме одговор и на ова прашање. За потсетување, лани во декември Мерко тврдеше дека на територијата на општината со која тој раководи, нема ниту една дивоградба во зашитениот појас на Охридското езеро, по што од националната комисија на УНЕСКО утврдија дека во Струга постојат платформи кои авлегуваат во езерото, одредени подѕидувања на крајбрежјето кои се веројатно изработени без соодветната документација.
Токму поради тоа, сега прашавме во кабинетот на градоначалникот што конкретно презема локалната самоуправа во однос на извештаите кои сугерираат дека има узурпација на струшката страна на Езерото, но повторно наидовме на молк.
Фото: Фејсбук – Komuna e Strugës / Општина Струга / Municipality of Struga
И покрај ова, советникот Деребан е дециден дека проблемот сo дивоградбите е ноторен факт, но Советот нема надлежност за да го реши.
-Јавниот простор се’ почесто се узурпира од страна на одредени локални моќници. Го имавме случајот со узурпација на плажите со бесправно градење на објекти. Се блокираат и пешачките патеки и самите плажи, но се лажеме ако сметаме дека за ова е само виновна локалната самоуправа бидејќи тоа е директна последица и на нефункционалноста на извршната власт која долго време им ветуваше на граѓаните дека ќе го реши овој проблем во Струга и Охрид, па дури и ако има потреба ќе ги одземе надлежностите од општините и ќе пристапи кон рушење на бесправно изградените објекти и враќање на плажите на граѓаните. Не само што не го стори тоа, туку и државните органи како што е Комисијата за денационализација добар дел од плажите на периферијата на градот им ги врати на поранешните сопственици, иако не смеела да го стори тоа бидејќи тоа се недвижности со намена за плажа од интерес за сите граѓани коишто не можат да бидат предмет на реално враќање, изјави Деребан.
Советникот нагласува дека тие плажи се заградени од страна на сопствениците и граѓаните ги лишија од можноста за нивно користење. Забележува дека Државното Правобранителство иако е должно, недоволно го штити јавниот простор во државна сопственост. Исто и Обвинителството, кое според него, селективно ги гони сторителите на кривични дела узурпација на недвижности и бесправно градење кои се казниви според член 225 и член 244 од Кривичниот законик. Како последица на непреземање дејствија од надлежните органи се повеќе се стимулира узурпацијата на јавниот простор.
Деребан вели дека интересот од дивоградбите на штета на граѓаните, го има пред се’ бизнис елитата.
-Се градат објекти надвор од габаритот на некој постоечки објект. Имаме случаи каде градоначалникот издава решение за поставување на спортска сала според Закон за градење, а на лице место се гради сала за свадби. Факт е дека и бизнис заедницата и политичарите кои го обезбедуваа тоа имаат корист, а никој од нив не сноси одговорност, кажа Деребан.
Од граѓанскиот сектор се со сличен став и нагласуваат дека бизнисмените и политичарите кои ги изигруваат законите знаејќи ги сите дупки во нив, се добро уиграни меѓу себе. Во институциите има политички пресметки со кои се уништува јавното добро, но тој што ја има моќта, тој може и најлесно да се заштити – заклучуваат познавачите.
Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.