Разговорите за техничките детали во врска со формирањето и одговорностите на Турско-рускиот заеднички центар се завршени и потпишан е договор, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството преку Твитер објави дека во тек е работата за што побрзо ставање во функција на центарот, потсетувајќи дека на 11 ноември, преку видеоконференција, е потпишан Меморандум за разбирање од страна на министрите за одбрана на Турција и Русија, Хулуси Акар и Сергеј Шојгу.
„Преку заедничкиот центар во Нагорно Карабах, турските и руските воени делегации планираат да го следат и контролираат спроведувањето на примирјето помеѓу Азербејџан и Ерменија“, се додава од Министерството.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Нагорно-Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан, и седум други соседни региони.
Кога на 27 септември избија нови судири, ерменската војска покрена напади врз цивилите и азербејџанските сили и прекрши неколку договори за хуманитарен прекин на огнот.
Во текот на 44-дневните судири, Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 населби и села од ерменска окупација.
На 10 ноември, двете земји потпишаа договор со посредство на Русија за ставање крај на судирите и за посветување кон сеопфатно решение.
Примирјето се смета како победа за Азербејџан и пораз за Ерменија, чии вооружени сили се повлекуваат, како што е наведено во договорот.