Епидемиолошката состојба иако е стабилна таа се уште е критична, оценија денес од кризниот штаб на Општина Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/20 3:38 PM

Епидемиолошката состојба иако е стабилна таа се уште е критична, оценија денес од кризниот штаб на Општина Тетово

Епидемиолошката состојба иако е стабилна таа се уште е критична, оценија денес од кризниот штаб на Општина Тетово. Позитивна вест е што имаме намалување на бројот на позитивни случаи во градинките и училиштата.

Во тетовската клиничка болница во моментов 45 лица  се на кислородна поддршка, а случаите  со средна и лесна клиничка слика  добиваат соодветен здравствен третман во домашни услови под надзор на матичните лекари, информираа од кризниот штаб на Општина Тетово.

Во текот на изминатата недела, бројот на нови случаи на COVID19 е незначително намален , но епидемиолошката состојба иако е стабилна, останува критична. Намалување на бројот на заболени е забележан и во градинките, основните и средните училишта, па така во  градинките има 2 активни случаи, без група во изолација. Има 14 позитивни наставници во основните училишта, а 4 паралелки се во изолација. Во средните училишта има 14 позитивни професори со КОВИД 19. Процесот на учење на далечина се одвива според планот, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи

Во текот на минатата недела, според статистичките податоци на Секторот за внатрешни работи Тетово, за непоседување заштитни маски, на вкупно 493 лица има издадено платни налози за полесни прекршоци, во согласност со Член 6 од релевантната уредба на Владата.

Во овој период, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во тетовско подготви нови решенија за изолација на 647 лица, а биле извршени проверки на околу 1214 лица со вакви решенија при што немало утврдено непочитување на наложеното.Апелираме до граѓаните да останат посветени и дисциплинирани во почитувањето на мерките и протоколите за здравствена заштита во борбата против оваа пандемија на Ковид19.Посветеноста на секој од нас и високата граѓанска свест се главните предуслови за успешно надминување на овој  глобален предизвик, рече градоначалничката Арифи.
На денешниот состанок на Кризниот штаб при општина Тетово за борба и справување со Ковид 19 надлежните институции информираа дека до денес во Тетово и 5 околни општини, вкупниот број на лица со дијагностициран Ковид 19 е 3811. Од оваа бројка досега 2606 лица се излекувани, а 151 се починати, со тоа бројот на активни случаи во Тетово и 5 општини е  961 лица.

Зоран Димовски