Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека во Европа се бележи значаен пораст на исламофобијата, расизмот и антиисламизмот, иако мигрантите и муслиманите даваат значаен придонес во своите заедници во Европа. Последниот пример, како што изјави, се и двајцата Турци во Германија, кои ја развија вакцината против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу зборуваше во име на Азиската група на 47. состанок на министри за надворешни работи на Организацијата на исламска соработка (OIC), одржан во Ниамеј, главниот град на Нигер.
Тој потсети дека сѐ уште е во тек борбата против Ковид-19 и дека се многу охрабрувачки извештаите за пронаоѓање вакцина против Ковид-19.
„Со оглед на тоа дека речиси половина од нашите членки се најмалку развиени земји, мораме да обезбедиме вакцината да биде достапна на сите, особено на најзагрозените“, изјави Чавушоглу.
Тој истакна дека оваа година претставува предизвик за сите и дека освен пандемијата на Ковид-19, и исламофобијата е во пораст како никогаш претходно и дека процесот на нормализација го охрабрил Израел во неговите брутални практики.
Нагласувајќи дека израелската одлука да ги суспендира плановите за анексија била измама, Чавушоглу истакна дека ширењето на израелските населби достигнало највисоко ниво досега.
„Нивната цел е јасна: независната, суверена палестинска држава да се направи физички невозможна“, порача Чавушоглу.
Зборувајќи за последните случувања во врска со регионот Нагорно Карабах, Чавушоглу изјави дека е потпишана заедничка декларација меѓу Ерменија, Азербејџан и Русија, со ветување за чекор кон траен мир во регионот и дека Декларацијата го потврдува територијалниот интегритет на Азербејџан во согласност со резолуциите од ОН, ОБСЕ и ОИС.
Чавушоглу за време на обраќањето истакна дека во Европа се бележи значаен пораст на антиисламизмот.
„За жал, овој тренд нема да се намали. Исламофобијата и расизмот се поттикнати од антиимигрантската реторика. Меѓутоа, имигрантите и муслиманите и понатаму придонесуваат на своите заедници. Последен пример е развојот на вакцината против Ковид-19 од страна на двајца Турци кои живеат во Германија“, изјави Чавушоглу.
Тој рече дека се зголемиле и навредливите публикации против исламот и муслиманите, навредувањето и говорот на омраза, и дека се навредуваат сите верници.
„За жал, во Европа нема водач со визија. Некои дури се осмелуваат да ја преуредуваат нашата света вера. Мирот и благосостојбата на милиони муслимани на Западот се загрозени под изговорот за борба против тероризмот“, наведе Чавушоглу.
Турскиот министер за време на обраќањето цитираше и дел од Куранот: „Држете се сите цврсто за Аллаховото јаже и никако не се одвојувајте“, и додаде дека муслиманите мора да се разбудат на опасната реторика и јасно да кажат кои се нивните црвени линии.