Таканаречената резолуција во францускиот Сенат со која се бара признавање на Нагорно Карабах како независна земја е пристрасна и провокативна, се соопштува од Министерството за надворешни работи на Азербејџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Најпрво, би сакале да нагласиме дека предлогот за резолуција за ’потребата за признавање на Републиката Нагорно Карабах‘, усвоен од францускиот Сенат, беше директно поставен од страна на група отворени проамерикански сенатори“, се соопштува од Министерството за надворешни работи на Азербејџан.
Од Министерството се соопштува дека француските Ерменци го користеле конфликтот во Нагорно Карабах за изборни цели, додавајќи: „Прифаќањето на комплетно пристрасна резолуција од Сенатот, може само да се смета како провокација.“
Иако, резолуцијата усвоена од Сенатот не е правно обврзувачка, Министерството соопшти дека тоа фрла сомнеж на неутралноста на земјата со посредувачка улога.
„Исто така ја поткопува репутацијата на Франција како фер посредник во азербејџанското општество“, се додава во соопштението.
„Наместо да се прифаќаат пристрасни резолуции, вклучувањето на францускиот Сенат во активности кои служат за мир, стабилност и напредок во регионот би одговарало на интересите на Франција и би довело до одржлив развој во регионот“, се соопштува од Министерството.
Францускиот Сенат вчера усвои резолуција која повикува на признавање на т.н. Република Нагорно Карабах.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан и седум соседни региони.
Новите судири избија на 27 септември и завршија по шест недели откако беше постигнато примирје со посредство на Русија.