Заев жалел што интервјуто за БГНЕС предизвикало силни негативни емоции – ММС
ММС

Објавено на: 11/26/20 11:39 AM

Заев жалел што интервјуто за БГНЕС предизвикало силни негативни емоции

Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст. Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во врска со реакциите на неговото интервју за бугарската агенција БГНЕС. Тој изрази жалење што интервјуто предизвикало силни негативни емоции, за кои, како што рече, е целосно свесен и ги разбира до детал.

– Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија, која е пример како во име на иднината најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите, рече Заев.

МИА