Новини во кавадаречката болница: дополнителни тестови за Ковид, нов апарат за анестезија – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/20 2:08 PM

Новини во кавадаречката болница: дополнителни тестови за Ковид, нов апарат за анестезија

Дополнителни 30 термини за брзи тестови за ковид 19 од денеска се достапни за кавадарчани преку матичните лекари, информираше директорот на болницата д-р Диме Коцев. Тој нагласи дека со оваа новина се очекува многу по брзо да се дијагностицираат новите позитивни случаи на корона вирусот.

-Од денес почна амбулантата за брзи тестови. Заради потребите од биолошка сигурност, амбулантата се  наоѓа во лабораторијата на здравствен дом. Матичните лекари можат да им закажат термини, изјави д-р Коцев.

Тој информираше дека во функција на гинеколошко акушерскиот оддел е набавен нов апарат за анестезија,  преку донации од две компании. Со новиот апарат е заменет стариот апарат кој бил во функција цели 45 години.

-Новиот апарат е наменет за оперативната сала на гинеколошко акушерското одделение. Вредноста на инвестицијата  е 32 илјади евра и е целосна донација од компаниите ДМ од Скопје и ИГМ од Кавадарци. Со тоа овозможуваме поголема безбедност за нашите родилки,  од една страна и од друга страна,  поголема сигурност за работа на нашите колеги и медицинскиот персонал во оперативната гинеколошка сала,  бидејќи оваа одделение и во ковид криза,  работи непречено. Минатата недела имавме 14 раѓања,  од кои 7 беа со царски рез, а беа извршени и 10 хируршки интервенции, вели д-р Коцев.

Во болницата преку донации се набавени уште пет апарати за ув дезинфекција на воздухот и работните простории во болницата.

 

Ангел Данов