„Буги“ во Рокетси: Казнс ќе биде тој што ќе ги предомисли Вестбрук и Харден да останат во Хјустон – ММС
ММС

Објавено на: 11/24/20 4:32 PM

„Буги“ во Рокетси: Казнс ќе биде тој што ќе ги предомисли Вестбрук и Харден да останат во Хјустон

Во таборот на Хјустон Рокетс последните неколку недели беше навистина бурно и воопшто од таму не можеа да се слушнат позитивни вести во врска со иднината на клубот и ростерот за следната натпреварувачка сезона.

Шпекулациите од ден на ден се засилуваат, а со ѕвезденото дуо на Рокетси, Харден-Вестбрук, се лицитира во континуитет. Додека чекаме одговор на прашањето „каде ќе играат Харден и Вестбрук во кампањата 2020/21“, раководните лица на декорираната франшиза од Тексас решија да им донесат малку радост на своите фанови.

Еден од најбараните кошаркари во минатото, некогашниот играч на Сакраменто Кингс, Њу Орлеанс Пеликанс и Голден Стејт Вориорс, ДеМаркус Казнс, потпиша едногодишен договор со Хјустон.

Недоволниот простор ги натера Рокетси да му понудат само ветерански договор на една година, кој популарниот Буги го прифати, иако потајно можеби се надеваше на понуда од шампионите Лејкерс во последен момент.

Сепак, Казнс не можеше да ја сокрие среќата и возбудата и изјави дека одвај чека да го започне новото поглавје во кариерата и дека се надева само на големи работи. Во НБА кариерата Казнс има забележано 21.2 поени во просек по меч, 10.9 скокови и 3.2 асистенции.

Ангажирањето на четирикратниот „Ол Стар“ играч, би било круцијално во обидите на Рокетси да ги задржат своите двајца најдобри играчи и да креираат нов тим подготвен за финале на Западот.

 

 

Фото:

cbssports.com