Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози од по 2 000 евра против три физички и од 5 000 евра против едно правно лице за организација на масовни собири во Скопје.
Првите двајца обвинети, татко и син од Скопје, на 13 септември во дворот на семејната куќа организирале приватен собир – веридба, на која присуствувале 30 гости.
– Со ова тие постапиле спротивно на прописите и наредбите со кои се определни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, согласно кои се забранува одржување на масовни собири и настани на отворен и затворен простор, се вели во соопштението од ОЈО.
Третиот обвинет, како основач и управител на обвинетото правно лице – угостителски објект, на 3 октомври, постапил спротивно на забраната за организирање прослави – свадби во отворениот и затворениот дел од објектот и на Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана.
– Тој во објектот дозволил да се организира настан – свадба на која биле присутни околу 90 лица, со што го довел во опасност животот и здравјето на луѓето. Настанот бил утврден при контрола и надзор од страна на овластени лица од Државниот пазарен инспекторат, информираат од ОЈО.
Надлежните јавни обвинители за обвинетите физички лица предложија парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност. За обвинетото правно лице, пак, на Основниот кривичен суд му е предложено да изрече парична казна од 300.000 денари.
Казнениет налози се за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија” од член 206 од Кривичниот законик.
МИА