Мажите да посетуваат уролог барем еднаш годишно, дури и кога немаат никакви симптоми. Овој апел во интервју за ММС го испраќа прим. д-р Вита Стојменовска, раководител на Одделот за тумори на уринарен и урогенитален тракт кај мажи при Клиниката за радиотерапија и онкологија (УКРО).
Повод за разговорот со онкологот и радиотерапевт, Стојменовска е одбележувањето на ноември како месец посветен на машкото здравје. Таа објаснува кои се симптомите на карциномот на простата, како изгледа лекувањето и третманот на оваа болест, особено во услови на актуелната пандемија.
„Прегледот кај уролог треба да биде една рутинска навика, барем еднаш годишно и кога нема уринарна симптоматологија, земајќи го предвид фактот дека болеста може да се развива и потполно без симптоми. Најчестите рани симптоми на карциномот на простатата се отежнато, испрекинато, често мокрење, особено ноќе, потреба од итно мокрење, тешко започнување и тешко сопирање на мокрењето, понекогаш дури и неконтролирано мокрење. Во понапреднат стадиум може да се појави и крв во урината, болки при мокрењето и во долниот дел на грбот и карлицата“, нагласува Стојменовска објаснувајќи и кои се факторите на ризик:
„Фактори на ризик за појава на карцином на простата се: возраста ( над 45 години ), фамилијарна
(генетска) предиспозиција ( 2-3 пати имаат поголем ризик членови на фамилијата од прво колено ) начин на живот со стрес и исхрана богата со заситени масти, а мал внес на свежи продукти, инфекции, токсини, пушење и прекумерна дебелина“.
Според доктор Стојменовска дијагнозата за оваа болест лесно се поставува:
-Одредување на вредноста на ПСА ( простата специфичен антиген ) во крв, реф. вредности од 0-4 нг/мл за мажи до 69 г., 0-5нг/мл за мажи над 70 г. Анализата е достапна преку матична медицинска служба. Се прави дигитален ректален преглед и трансректален преглед со ултразвук. Доколку симптомите се јасни се прави биопсија на простатата ( земање повеќе примероци од простатата, најчесто 12 за патохистолошка анализа и потврдување на дијагнозата ), вели докторката.
Карциномот на простата, додава таа, е поделен во четири стадиуми и тоа е еден од факторите кои онколозите ги земаат предвид при одредувањето на терапијата на пациентот.
„Стадиумот на болеста се одредува со дополнителни дијагностички процедури (скен на скелет, КТМ, МР) со кои се утврдува големина на туморот, локална инвазија во соседните органи, лимфни јазли и далечни метастази. Најчесто користена тераписка опција е хируршката, потоа хормонската и радиотерапијата, а кај хормонорезистентните случаи се користи хемотерапија. Во Македонија ова се главно достапни начини на лекување на пациентите со карцином на простата со кои редовно располагаме. Се заложуваме за олеснување на достапноста и укажување на потребата од нови линии хормонска и хемотерапија за одреден број пациенти (со хормонорезистентна болест ) кои имаат потреба од нив, а се докажани како ефикасни“, потенцира за Македонски медиа сервис,
д-р Стојменовска.
Таа тврди дека Клиниката за радиотерапија и онкологија одлично соработува со онколошките и уролошките одделенија низ целава држава, така што пациентите редовно и навремено ја примаат терапијата во своите градови, без да имаат потреба за секоја апликација да доаѓаат на УКРО.
„За одредени пациенти исто така, постои можност истата да биде доставена до нивните домови во соработка со Црвениот Крст на Македонија“.
Статистиките покажуваат дека на оваа Клиника лани се регистрирани 406 нови случаи со карцином на простата, што претставува 8.6% од вкупниот број на новорегистрирани пациенти со карциноми на оваа здравствена установа. Од нив околку 40% биле со метастатска болест.
„Да нагласам дека ова се само пациенти кои се јавиле на нашата Клиника за третман, не се вклучени пациенти кои по дијагностицирањето, зависно од стадиумот немало потреба или воопшто не се јавиле кај нас од други причини. Споредено со претходни години постои тенденција за пораст“, објаснува докторката.
Според светските податоци пак, овој карцином е најчест кај мажите со 1. 276 106 новодијагностицирани пациенти во 2018 година или 7,1 % од сите карциноми кај мажите и жените воопшто во светот.
Токму поради тоа, порачува докторката, треба да се зголеми свеста кај мажите и да не ги одложуваат прегледите.
„Мажите треба да направат лекарски преглед кај уролог при појава макар и на еден од раните симптоми на ова заболување. Тоа ја доведува можноста за излекување дури и до 98 проценти. Оваа можност значително се намалува доколку заболувањето се открие во понапреднат стадиум. За крај, во месецот ноември, месецот посветен на машкото здравје, го упатуваме апелот за подигнување на машката свест после 45-та година со помислата за раното откривање на карцимонот на простата “, заклучува онкологот.
Вања Мицевска