Ново амбулантно возило доби штипската Клиничка болница, донација од амбасадата на Германија – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 3:47 PM

Ново амбулантно возило доби штипската Клиничка болница, донација од амбасадата на Германија

Ново амбулантно возило доби денес штипската Клиничка болница. Возилото е донација на Амбасадата на Германија а лично денеска го предаде германската амбасадорка Анике Холштајн.

„Се надевам дека донацијата доаѓа во вистинско време, кога е потребна  најмногу помош. Вкупната вредност на оваа донација е 38.000 евра и  се реализира преку Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија“, изјави германската амбасадорка.

Таа додаде дека Германија досега го поддржа регионот со 13 милиони евра.  Европската Унија помага со 3,3 милјарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев истакна дека новото амбулантно возило кое е добиено од Амбасадата на Германија во соработка со Невладината Фондација за развој на локалната заединица-Штип, ќе биде од огромно заначење за болницата и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на критичните пациенти.

„Јавноста знае дека Клиничка болница-Штип е регионален центар за справување во борбата со корона инфекцијата, лекуваме секојдневно голем број на пациенти, а во последно време имаме сериозно, висока бројка на пациенти, коишто се критично болни, кои се тешко болни и понекогаш ситуацијата налага некои од пациентите да ги префлиме на понатамошен третман на клиниките во Скопје“, рече Ѓеорѓијев.

Штипската Клиничка болница има уште две вакви возила, кои се комплетно опремени, а имаат и уште други три возила, кои не се опремени со ваква современа медицинска опрема како добиеното ново болничко возило.