Доставени 528 амандмани за Буџетот за 2021 година – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 2:13 PM

Доставени 528 амандмани за Буџетот за 2021 година

Пратеничките групи доставиле 528 амандмани за Буџетот за 2021 година, за што комисиската расправа започнува утре и ќе трае во следните десет дена.

Најголем дел од амандманите се поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа 390, како што информираат од пратеничката група, а останатите над стотина се од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Буџетот за 2021 година е дел од стратегијата на Владата за економско заздравување и забрзан раст во периодот од 2021 до 2025 година. Во иницијалната фаза од планот треба да обезбеди економско заздравување од последиците од пандемијата со Ковид-19, а веќе во следните три години забрзан и одржлив економски развој.

Предлог-буџетот за 2021 година е проектиран на 247,5 милијарди денари или околу 4 милијарди евра. Се очекува значително зголемување на приходите за околу 8,3 отсто со што буџетскиот дефицит, од 8,5 проценти, колку што ќе биде годинава, ќе падне на 4,9 проценти од БДП. Во Предлог-буџетот за следната година проектирани се и средства во висина од 50 милиони евра за евентуални идни мерки за справување со КОВИД-кризата со кои ќе го поддржи стопанството и граѓаните.

Очекувањата се во втората половина на 2022 година да се врати преткризното ниво на БДП, а веќе во 2025 година економија да расте со стапка од 5,9 отсто. Планот е буџетскиот дефицит во 2025 година да се спушти на 2,5 отсто од БДП.