Хелсиншкиот комитет за човекови права, поддржано од многу здруженија, асоцијации, невладини организации и фондации, побара од државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со COVID-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување.
Тие предлагаат Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање.
Нивните очекувања се дека Фондот за здравствено осигурување ќе склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со COVID-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази. Во исчекување државата и Фондот да обезбедат лабораториските здравствени услуги поврзани со дијагностика и следење на пациентите со COVID-19 да бидат финансиски покриени од страна на државата.
Причини за ваквото барање, како што наведуваат тие во барањето се вртоглавото зголемување на новозаболени од COVID-19, заедно со недоволниот број оздравени за да се ослободат кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани. што неизбежно го наметнува прашањето за универзалното право на пристап до здравствена заштита.
-Во услови кога 85.000 македонски граѓани живеат со 40 денари дневно и речиси секој четврти преживува со не повеќе од 126 денари на ден,3 приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право. Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита.4 Ова подразбира навремен и соодветен пристап на македонските граѓани до здравствена заштита со прифатлива цена и квалитет. Пристапот до соодветна здравствена заштита не може да зависи од социјалниот статус, односно имотната положба на граѓаните, што е јасно е утврдено со одлуки на Уставниот суд.5 Впрочем, ниту самата триажа никогаш не ги поставува овие околности како критериум за утврдување на приоритетот во однос на пристапот до здравствената заштита, бараат меѓу другото од ХКЧП.
Согласно Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, државата е носител на обврската за заштита на правото на здравје. Дел од оваа обврска на државата е и обврската да обезбеди дека вршењето на здравствените услуги од приватни субјекти „нема да биде закана за достапноста, пристапноста, прифатливоста и квалитетот на здравствените установи, услуги и сервиси.”.
-Здравствените установи, добра и услуги мора да можат сите да си ги допуштат. Исплатата за здравствените услуги, како и за услугите поврзани со основните одредници на здравјето, мора да се заснова на принципот на правичност, притоа обезбедувајќи дека таквите услуги, независно дали се јавни или приватни, можат да си ги допуштат сите, вклучително и социјално обесправените групи. За таквата правичност неопходно е посиромашните домаќинства да не бидат диспропорционално оптоварени со здравствени трошоци во споредба со побогатите домаќинства, децидни се од Комитетот за економски, социјални и културни права.
Пандемијата предизвика јавните здравствените установи да се преполнети со пациенти и да не можат да укажат здравствена нега на сите граѓаните заболени од COVID-19 на кои им е потребно болничко лекување, а лекувањето во приватните болници со превисоко поставените цени од нивна страна претставува привилегија за малкумина. Државата освен што треба да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, потребно е да постави лимит за максимален износ на едно приватно лекување од COVID-19.8 Регулирањето на цените и одредувањето критериуми за доделување на болнички легла е апсолутно неопходно за да не се доведеме во ситуација да има место во приватните здравствени установи, а да не постои можност за лекување преку Фондот со што овие места би останале недостапни за огромно мнозинство од македонските граѓани. Во спротивно, приватниот интерес ќе надвладее над јавниот интерес.
Можноста да лекуваат пациенти позитивни на COVID-19 на приватните болници во мрежата на здравстени установи и да склучат договор со ФЗО се предвиде со Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба донесена од Владата која е сега надвор од правниот промет,9 меѓутоа ниту еден таков договор не беше склучен.
Сепак, со неодамнешните измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести,10 приватните болници го задржаа правото да лекуваат болни од COVID-19, но без оставање можност за давање на овие услуги во мрежата на здравствени установи и склучување договор со ФЗО. Така, овој закон освен лекување во јавните здравствени установи, предвидува по медицински индикации, болните да можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. За да лекуваат пациенти од COVID-19, приватните здравствени установи треба да имаат согласност од Министерството за здравство, односно дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Во случај на исполнување на капацитетите за лекување на болни од COVID-19 во јавните здравствени установи, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Тоа што овој закон го оставил како празнина е нерегулирањето на финансиските импликации на здравствените услуги од страна на приватните здравствени установи. Сепак, дури и во таква ситуација, членот 60 од овој Закон предвидува дека за спроведување на посебните мерки, средства се обезбедуваат од:
- Фондот за здравствено осигурување за лицата кои се задолжително здравствено осигурани;
- Буџетот на Републиката за спроведување на превентивните програми и за лицата кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување и
- Работодавците за задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените.
Проценката на овие импликации е обврска на државата, заедно со обезбедувањето на економска достапност на услугите за сите, вклучително и оние услуги кои се даваат врз основа на оваа Уредба. Секое постапување спротивно на ова значи прекршување на обврските на државава во врска со правото на здравје на нејзините граѓанки и граѓани. Поради ситуацијата во која се наоѓа државата како резултат на пандемијата, Владата и Министерството за здравство имаат законска обврска да преземат мерки со кои од една страна ќе обезбедат еднаков пристап до здравствена заштита, а од друга ќе ги искористат капацитетите на јавното и приватното здравство.
Поради сето ова, ја повикуваме Владата на Република Северна Македонија во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од COVID-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на профитерството во време на животно-загрозувачка криза. Да не дозволиме системско кршење на правото на пристап до здравствена заштита со што шансите за преживување ќе зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот живот и на најблиските.