Формирани се пет лекарски избирачки одбори, кои на изборите за градоначалник на Штип во декември ќе ги посетуваат лицата позитивни на коронавиртсот, но и оние кои се во изолација поради контакт, информираше на денешната прес-конференција претседателката на Општинската изборна комисија, Сенка Андреева.
Таа посочи дека лицата кои се позитивни или во изолација ќе се пријавуваат електронски за да го остварат своето право на глас за избор на градоначалник на Општина Штип.
-Лицата кои ќе се пријават по електронски пат, ќе се најдат на списокот и избирачкиот одбор составен од лекари по сите здравствени протоколи со заштитна опрема ќе ги посетат во нивните домови. Доколку не се пријават за гласање, во тој случај нема да можат да ги посетат, изјави Андреева.
Болните и изнемоштени, како и осудените лица во Општина Штип ќе гласаат на 12 декември, а на 13 декември е изборниот ден.
-Имаме вкупно 77 избирачки одбори. Избирачките места ќе се отворат во 7, а ќе се затворат во 19 часот, појасни Андреева.
Посочи дека вчера ДИК изврши жребување за редоследот на кандидатите за градоначалник на Општина Штип, а за утре најави потпишување на Кодексот за фер и демокaртски избори од страна на кандидатите.