Штипската Клиничка болница информира дека во врска со починатата пациентка од Берово е постапено по наредбата на ДСЗИ, според која директорот требаше да ја свика Комисијата за квалитет на работа која ќе ја утврди состојбата за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход.
Директорот Георгијев во рок од три дена беше задолжен да го информира ДСЗИ за конкретни наоди, по што инспекторатот ќе иницира спроведување на вонреден стручен надзор.
– Во врска со починатата пациентка од Берово, постапено е по наредбата на ДСЗИ.Направен е записник на Комисијата за контрола на квалитет на здравствени и етички прашања и доставен е до Инспекторот. Се што понатаму ќе биде побарано од страна на надлежните институции ќе биде испочитувано. Уште еднаш би апелирал да престанат нападите на трудот на медицинските работници, во борбата со ова зло кое го покоси буквално целиот свет.Да ги почитуваме здравствените работници, да ги почитуваме мерките за заштита бидејќи состојбата е и така премногу тешка, информираат од Клиничката болница.
Во Инфективното одделение на штипската Клиничка болница на 14 ноември поради компликации од коронавирусот почина 41-годишна пациентка од Берово.
Случајот се актуелизира во јавноста откако нејзината ќерка реагираше на социјалните мрежи дека нејзината мајка не добила кислородна поддршка, бидејќи не можела да ги добие сестрите на двете телефонски линии преку кои пациентите треба да го контактираат медицинскиот персонал.
Освен пациентите на овие две телефонски линии вртеле и роднините на пациентите кои сакале да се информираат за нивната состојба. По овој случај во болницата се отворија уште две телефонски линии за пациентите.
Т.Н