НБА драфт: Избрани девет играчи од Европа, првиот пик Ентони Едвардс и не ја сака „толку“ кошарката – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/20 12:49 PM

НБА драфт: Избрани девет играчи од Европа, првиот пик Ентони Едвардс и не ја сака „толку“ кошарката

Девет кошаркари од европскиот континент избрани се на НБА драфтот 2020 и од следната или можеби во сезоните кои претстојат, ќе заиграат во најквалитетните екипи во светската кошарка.

Европскиот пазар како никогаш досега не предизвикувал толкаво внимание во НБА, благодарение на феноменалните индивидуални партии и кампањи на Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Горан Драгиќ, Кристапс Порзингис, Никола Вучевиќ, Руди Гобер и Јанис Адетокумпо во последните неколку сезони.

Јавното мислење изминатите години беше дека лигата исклучиво од маркетиншки апскет ангажира играчи од „стариот континент”, иако во ’90-те години еден цел контингент играчи од Европа, особено од екс-ју просторите, продефилирале на паркетите во САД и оставиле силен печат. Сега откако и таа мистерија е решена, франшизите немаат никакви пречки во желбата за доведување кошаркари од ова поднебје во своите ростери.

Францускиот бек-шутер Килијан Хејс и Израелецот, Дени Авдија, беа топ пиковите од Европа на седмата односно деветтата позиција на драфтот. Хејс ќе го носи дресот на Пистонси, а Авдија ќе им се придружи на Џон Вол и Бредли Бил во Визардси.

Кошаркарот на Олимпијакос, Алексеј Покушевски, како 17-ти играч беше избран од страна на Оклахома Сити Тандер, во трејд кој го испрати Рики Рубио заедно со пикот број 25 и пикот број 28 во Минесота Тимберволвс.

Оваа тројка инстантно ќе ја напушти Евролигата, а за услугите на Дени Авдија и српскиот интернационалец Покушевски, Макаби и Олимпијакос ќе добијат повеќе од еден милион долари.

Кошаркаркот на француски АСВЕЛ, Тео Маледон, не успеа да се избори во првата рунда за „место под сонцето“, но во втората рунда беше избран како 34-ти пик од Вашингтон Визардс. Магионичарите како 37-ми пик го избраа Вит Крејчи од Сарагоса, додека пак кошаркарот на Мега Бемакс, црногорскиот интернационалец Марко Симоновиќ, како 44-ти пик на драфтот заврши во Чикаго Булс.

Ланските финалисти на Истокот, Бостон Селтикс, го селектираа израелскиот играч Јам Мадар од Хапоел Тел Авив какко 47-ми играч. Некогашните доминантни шампиони, Голден Стејт Вориорс, од 48-та позиција го избраа Нико Манион од Аризона.

Килијан Тили како недрафтуван играч ќе потпише со Мемфис Гризлис.

Изненадувања на првите три позиции на НБА драфтот не постоеја. Она што се прогнозираше уште пред неколку месеци, се оствари претходната вечер.

Деветнаесетгодишниот Ентони Едвардс од Универзитетот во Џорџија е број еден избор на овогодинешниот драфт. Џејмс Вајсмен као втор пик заврши кај Стеф Кари и Клеј Томпсон во Вориорс, а бекот ЛаМело Бол, брат на кошаркарот на Њу Орлеанс Пеликанс, Лоренцо, ќе го носи дресот на „Џордановата франшиза“, Шарлот Хорнетс.

Едвардс го споредуваат со веќе пензионираната икона на Мајами Хит, Двејн Вејд. Интересно е тоа што Едвардс неодамна во интервју за „ESPN“, изјави дека тој толку и не ја сака кошарката и дека не е целосно посветен на играта.

-Да бидам искрен, не можам да гледам кошарка. Не сум целосно навлезен во неа. Сакам кошарка, секако, тоа е нешто со кое се занимава, рече Едвардс.

Новата сезона во НБА ќе започне на 22 декември.