Eдниот е оценет како недоволно добар за таа возраст и ослободен од ангажманот во Челзи. Другиот и покрај пречките и потешкотиите за еден младинец во англискиот клуб во тој период, не ги слуша советите од својот татко и решен е да направи кариера во Челзи и да стане легенда како Френк Лампард и Џон Тери.
Деклан Рајс и Мејсон Маунт за првпат заедно стартуваа во победата на Англија над Исланд од 4:0 и го постигнаа првиот односно вториот погодок за селекцијата на Саутгејт, за жал во победа која не обезбеди полуфинале на „Гордиот Албион“ во Лигата на Нациите.
Двајцата млади фудбалери од средината на теренот своето пријателство го започнуваат во академијата на Челзи, во овој момент една од најдобрите во светот, од најрана возраст. Нивното пријателство опстојува и по заминувањето на Деклан Рајс од академијата во помалиот лондонски ривал, Вест Хем.
Талентираните „средњаци“ и надвор од терените поминуваат време заедно, одат на заеднички патувања, прават „пренкови“ едни над други, се „боцкаат“ по социјалните мрежи и на крајот од денот не пропуштаат прилика да ги прослават успесите на другиот.
Дека Челзи можеби згрешил со прераното откажување од Рајс, тоа е несомнено. На 21 година Рајс прераснува во еден од најдобрите играчи за врска во Премиер Лигата, а токму тимот на неговиот најдобар пријател летово имаше обид да си го врати поранешниот јуниор во своите редови. Според англиските медиуми, Челзи и во јануарскиот преоден рок, но и следното лето повторно ќе впрегне сили за да го оствари трансферот на Рајс. Момчето кое сè уште го сака клубот од западен Лондон и има постери во својата соба од тренерот на Мејсон Маунт, Френк Лампард, само го чека да заѕвони телефонот.
Дотогаш, Рајс за првпат во кариерата се запиша во листата на стрелците за Англија и сонот за него стана реалност. За прославата на погодокот прв до него дотрча – Мејсон Маунт. Новинарите се шегуваа по завршувањето на натпреварот дека Маунт се израдувал повеќе за голот на Рајс отколку за неговиот.
🤝❤️ | From being best friends at eight-years-old to starting together for England and getting on the scoresheet!
This post-match interview from Mason Mount and Declan Rice is some really wholesome content…🦁🦁🦁 pic.twitter.com/ZmrcZVjlH3
— Sky Sports Football (@SkyFootball) November 18, 2020
-Ова е специјална вечер бидејќи сме најдобри пријатели од 8 години. Моето семејство и неговото семејство се сигурно горди. Гледавме како растеме, ги проследивме нашите патувања, изјави Деклан Рајс за „Скај Спортс“.
Мејсон Маунт беше на иста линија со фудбалерот на „чеканџиите“, велејќи дека играњето со Деклан за репрезентацијата на Англија е нешто неверојатно.
-Специјална вечер, од најрана возраст сме заедно и сега ова. Феноменално. Прв гол за него, специјално. Му значи многу, а и мене. Посакував да имаше фанови на трибините, рече Маунт.
Урбаната фудбалска легенда по улиците на Англија гласи дека „Гордиот Албион“ правел позначајни успеси, кога имал играчи на Вест Хем во тимот. Рајс не е тука да пополни бројка, Рајс е тука да ја води репрезентацијата. Со погодокот против Исланд станува првиот фудбалер на Вест Хем после Метју Апсон кој стрелал за Англија после цели десет години.