Според „Шпигел”, Бугарија со своето вето за Северна Македонија предизвика уште една криза во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/20 8:29 AM

Според „Шпигел”, Бугарија со своето вето за Северна Македонија предизвика уште една криза во ЕУ

Направивме многу изминатите три години во насока на нашиот напредок на патот на европската интеграција. Потпишавме Договор со Грција, го сменивме Уставот и името на државата. Исто така го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година. Со овие договори покажавме дека навистина можеме да се однесуваме со европски манири. И сега Бугарија се однесува спротивно на европските манири и бара од нас да се декларираме дека ние, Македонците имаме бугарски корени и дека нашиот јазик е западно-бугарски дијалект. Тоа не можеме да го прифатиме, истакна премиерот Зоран Заев за германскиот весник „Шпигел”.

Весникот под наслов „Нација без дозвола на соседот” објави напис во кој наведува дека Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но во континуитет нејзините соседни земји го блокираат почетокот на преговорите за членство. Најпрво земјата требаше да го смени името под притисок на Грција, сега за неа нови услови поставува Бугарија, потсетува весникот.

-Некои националисти ги сметаат за Грци, кои говорат на словенски јазик. Други ги сметаат за јужносрби или западни Бугари. На Македонците во поновата историја воопшто не им било лесно да бидат признати како посебна нација, со посебен јазик. До ден денес Македонија од нејзините соседи, Грција, Србија и Бугарија се смета за конструкција и вештачка нација, пишува „Шпигел”.

Истакнува дека бугарската Влада во моментов сака да докаже дека „македонското прашање” – едно од клучните политички прашања во историјата на Балканот, не треба да биде само предмет на дискусија на историчарите. Бара Северна Македонија официјално да објави дека македонската нација има бугарско потекло и дека македонскиот јазик всушност е западно-бугарски дијалект.

Се додека властите во Северна Македонија не го прифатат ова, пишува „Шпигел”, Бугарија нема да даде согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Потсетува дека одлуката за продолжување на процесот требаше да се донесе во вторникот, на Советот за општи работи, но оти Бугарија претходно најавила дека ќе ја блокира одлуката за усвојување на преговарачката рамка. По состанокот бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порача дека Северна Македонија не ги исполнува условите.

Во поднасловот „Дали Бугарија го злоупотребува правото на вето?”, весникот нагласува дека откако Унгарија и Полска ставија вето на буџетот на ЕУ, Бугарија со своето вето за Северна Македонија предизвика уште една криза во Унијата.

-Бугарија прави преседан во политиката на проширување на ЕУ. Земјата гротескно го користи својот поглед на историјата како политичко оружје против соседната земја, нагласува „Шпигел”.

Весникот пишува дека Северна Македонија е држава со околу два милиони жители, која ги исполни сите технички услови за почеток на преговорите за влез во ЕУ, а во случајов станува збор за тоа како поединечни земји-членки го злоупотебуваат своето право на вето во интерес на домашните националистички кампањи. Притоа со таквите постапки, додава весникот, сериозно го нарушуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот на Западен Балкан.

Премиерот Зоран Заев во интервју за „Шпигел’” изразува разочарување од бугарскиот став, кој го оценува како „апсурден и смешен”.

-Ние себе си се сметаме за Македонци. Нашиот јазик е кодифициран во 1945 година и е признат во ОН од 1977 година. Големо разочарување за нас е што нашите бугарски браќа, со кои имаме многу заеднички нешта, не блокираат на нашиот пат. Секако дека ние имаме право на сопствен национален идентитет, вели Заев.

Тој за „Шпигел” нагласува дека можеби остатокот од Европа нема да го разбере овој спор, но напоменува дека тој содржи во себе „лоша и горчлива” порака за иднината на Европа, бидејќи задира во фундаменталните европски вредности, како мултиетничноста и мултијазичноста.

Весникот потсетува дека Северна Македонија е официјално земја кандидат веќе 15 години. Долго време, додава „Шпигел”, евроинтегративниот пат на земјава беше блокиран од Грција, која ја обвинуваше Македонија дека има територијални претензии кон истоимениот северен грчки регион.

-Спорот за името, сепак, во суштина имаше врска со грчката внатрешна политика, а не со наводните претензии на Македонија, заклучува „Шпигел”.

Минатата година Франција беше таа што го блокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, барајќи промени во методологијата за проширување на ЕУ. Новата методологија е усвоена, но сега за Северна Македонија, најновата препрека е Бугарија, додава „Шпигел”.

Весникот потсетува на Договорот од 2017 што го потпишаа Северна Македонија и Бугарија и нагласува дека е постигнат значителен напредок во односите меѓу двете земји, но додава дека неодамна Софија излегла со нови барања.

Како што пишува весникот, премиерот Заев се сомнева дека сето ова е поттикнато од внатрешно-политички причини. Во Бугарија се случуваат неколкумесечни антикорупциски протести против Владата на премиерот Бојко Борисов, а Бугарија напролет следната година ќе се соочи со парламентарни избори.

Уште една шанса во декември за одржување на првата Меѓувладина конференција има за Северна Македонија, но сепак како што пишува „Шпигел” неизвесно е дали Бугарија ќе попушти пред своите барања.

-За нас нема алтернатива за ЕУ и европските интеграции. ЕУ треба да биде свесна дека напредокот на нашата интеграција е силна мотивација за нашата земја и за нашето општество. Доколку оваа мотивација исчезне, не само што ќе го успорни процесот на спроведување реформи, но исто така ќе се соочиме со раст на нов, радикален национализам, кој како што често покажува историјата на Балканот, може да се претвори во насилство, нагласи Заев за „Шпигел”.