ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Георгијев бил дежурен кога починала 41-годишната пациентка, директорот демантира: Пациентката починала пред моето доаѓање – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/20 2:43 PM

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Георгијев бил дежурен кога починала 41-годишната пациентка, директорот демантира: Пациентката починала пред моето доаѓање

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини дека министерот за здравство Венко Филипче го прикрива случајот со починатата 41–годишната пациентка која почина на Инфективното одделение во Штип. Тие велат дека на кобниот ден дежурен лекар на Инфективно бил токму директорот Ален Георгијев, на кој пак по инспекцискиот надзор од ДСЗИ, му било дадено овластување да ја свика Комисијата која треба да го испита случајот и околностите кои довеле до смртен исход. Од Клиничката болница пак демантираат, велат дека пациентката починала пет часа пред смената на директорот.

– Значи случајов со смртта на пациентката која не добила кислород треба да го испитува и решава Директорот на клиниката кој бил дежурен тој ден, а е познато дека е близок кадар на Венко Филипче.Ако го земеме во предвид фактот дека токму Директорот на болницата Ален Георгијев близок кадар на Филипче по распоред бил на Инфективно, за кое дежурство самиот претходно се пофали, тогаш има индиции дека самиот е одговорен за споменатата случка.Тоа значи дека директорот на Филипче, Ален Георгијев сам на себе треба да си констатира неодговорност и пропуст при извршувањето на лекарските задачи во организацијата каде што е раководител.Поставувањето на директорот на Болницата во Штип Ален Георгијев да го испитува случајот за смртта на 41 годишната пациентка која почина молејќи за кислород кога тој самиот дента кога починала е одговорен и на смена во болницата укажува дека Филипче спроведува операција за заташкување на одговорноста за овој случај, рече на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, посочувајќи дека за смртта на пациентот е очигледен не само менаџерски, туку и лекарски пропуст.

ВМРО-ДПМНЕ побараа ДСЗИ јавно да го објави извештајот од Клиничката болница, а Јавното обвинителство да истражи дали има одговорност кај директорот Георгијев. Освен ова, побараа и итни оставки од директорот и министерот Филипче.

Од клиничката болница велат дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребуваат трагедијата на починатата за евтино собирање политички поени.

Директорот Георгијев вели дека ВМРО-ДПМНЕ не можат да се ставаат во улога на судија и обвинител и  да бараат одговорност од него.

– Јас тврдам со полна, кривична морална и материјална одговорност, дека пациентката починала пет часа пред моето доаѓање на дежурство, категоричен е Георгијев.
Тој побара Јорданов јавно да му се извини најпрво на медицинскиот персонал од КБ Штип, а потоа и нему лично за ваквите лажни обвинувања.

На обвинувањата одговори и министерот Филипче. Тој на својот фејсбук профил напиша дека во моментот течат законските рокови за случајот а директорот најдоцна до утре треба да испрати извештај до ДСЗИ, по што ќе се формира и Комисија за вонреден стручен надзор.

– Ова е независен надзор и апсолутно е неточно дека директорот на болницата самиот на себе ќе си врши надзор како што наведува ВМРО-ДПМНЕ.Од партијата или не го познаваат системот на надзори или свесно манипулираат како што всушност се однесуваат цели осум месеци од почетокот на кризата. Барам итно извинување за ова грозно обвинување во спротивно ќе поднесам тужба за клевета, напиша Филипче.