Промената на власта не го промени коруптивниот сомнеж во јавните набавки –случај ЈКП источна Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/20 2:48 PM

Промената на власта не го промени коруптивниот сомнеж во јавните набавки –случај ЈКП источна Македонија

Минатата недела по втор пат во две години јавните набавки ја донесоа финансиската полиција во ЈП „Исар“ од Штип по Локалните избори во 2017 година и преземањето на власта од страна на СДСМ. Финансиската полиција истражува повеќе набавки, како таа за гориво за возило кое цела година било на поправка во Кавадарци, а книговодствено се трошело гориво за него, како да е во редовна употреба. Исто и со набвките на метли за 50 денари по парче, наспроти сегашните постигнати цени од 15-20 денари, откри актуелниот директор Живко Тасев.

-Беше дојдена полицијата за организиран криминал, која ги испитуваше набавките. Факт е дека цената на една метла мислам дека беше 50 денари, а потоа при тендерите се случуваше да биде 15-20 денари, значи намалувањето е сто отсто, дупло. Во однос на горивото, финансикиот показател го покажа тоа дека за една година претходното раководство трошело 15 милиони денари, а ние сега трошиме секоја година по 10 милиони. Понатаму органите нека си тераат работа, очигледно дека имало тенденција за криминални дела во ЈП „Исар“, изјави Тасев.

Ова е потврда на наодот од мониторингот на 15 јавни претпријатија во источна Македонија, што го спроведе граѓанската организација Иницијатива на неверботени интелектуалци (ИНИ) од Виница,  која констатира дека јавните набавки се подложни на корупција. Планирањето на јавните набавки од страна е несоодветно и отвара можност за коруптивни активности. Дополнително, честото менување на плановите за јавни набавки од своја страна има големо влијание на бизнис секторот, кој нема доволно време за подготовка и учество на тендерите распишани од јавните претпријатија, заклучуваат истражувачите.

Илустрација на ова е споредбената верзија на годишните планови на секое од мониторираните 15 јавни претпријатија. Карактеристичен е случајот со ЈКП „Услуга“ од Берово, кое во годишниот план за 2019 година, направило дури 11 промени, односно со 30,30% вкупен процент на промена на годишен план. Следи пробиштипското јавно – комунално претпријатие „Никола Карев“, со 28,07 отсто промена на планот со девет верзии. Сепак, најголеми промени на годишниот план за јавни набавки,  Бирото за јавни набавки утврдува кај ЈПКД „Брегалница“ Делчево, кое иако има три верзии е со 36,11% вкупен процент на промена на годишен план. Најмалку промени правело ЈП „Исар“ од Штип, кое избришало само три набавки, додека се’ друго останува според планираното. Вкупниот процент на промени на годишниот план на „Исар“ е 1,38 отсто.

Привремените вработувања и набавки на возила најчесто се дополнуваат во плановите

Најголем дел од промените во годишниот план за јавни набавки, јавните – комунални претпртија ги правеле во привремените вработувања. Речиси и да нема претпријатие кое не ги изменило набавките на времени работници. Карактеристични се и промените на планот со вметнување на набавки на возила и други поголеми набавки. Вакви измени на планот ЈКП Комуналец од Кочани за набавка на патнички автомобил и трактор, додека беровското комунално претпртијатие планирало набавка на половно возило кипер. Набавки на возила дополнително во текот на годината планираат  и виничкото „Солидарност“ и пробиштипското – „Никола Карев“.

Тодор Цонев, кој е еден од истражувачите од ЗГ „ИНИ“, забележува дека праксата од 2019 година се пренесува и во текот на 2020 година. Тоа го потврдуваат нивните анализи заклучно со септември, кои покажуваат дека секое јавно претпртијатие од Источна Македонија во просек направило по три промени на годишниот план за јавни набавки, со тоа што едно јавно претпријатие отскокнува со осум промени.

-Сето ова ни кажува дека планирањето е лошо и отвора можности за коруптивни активности. Промената на плановите ја менуваат динамиката на фирмите, кои треба да учествуваат на тендерите. Ад хок промена за која не секоја фирма може на време да се подготви. Од друга страна ниедно јавно прептријатие не доставува образложение за потребата на јавната набавка. Исполнетоста на плановите изнесува некаде од 30-35% во овие 15 јавни претпријатија, објасни Цонев.

Најголемите пари раководствата на претпријатијата ги прават преку јавните набавки, оценува Љупчо Петровски, сопственик на информатичка компанија од Битола, кој со софтвер обезбедува 40-тина комунални претпријатија во Македонија. Петровски има значајно искуство со јавните набавки. Меѓу негативните искуства е тоа со ЈП „Комуналец“ од Скопје и јавната набавка проценета на 2,4 милиони денари, која во текот на наддавањето била симната на само 120.000 денари.

-Потоа следуваше распишување на уште набавка со специфики, кои ги немаше ниту еден оператор во земјата. Ги доби истата команија, која наплати 3,5 милиони денари. Со новата јавна набавка ја надомести претходната. Кога скопското комунално претпријатие бараше надградба на системот за плаќање, на само неколку дена пред тендерот добивме порака преку посредник да се повлечеме од набавката, сведочи Петровски.

Тој оценува дека на хартија јавните набавки се идеално, додека законот е одличен, само уште да се почитува и да не се заобколува. Овој закон Петровски го смета за закон за луѓе со многу повисока свест од денешните генерации.Според него, се заобиколува законот по познати патишта и начини, има фирми кои се на пазарот за симнуваат цени на набавките, а недостасува знаење при подготовката на тендерската документација.

-Работиме со луѓе кои четиригодишниот мандат го разбираат по принципот „купи ден- помини“. Последните години се нормализира сосотојбата, ќе треба да поминат шест, осум па и десет години, да дојдат нови генерации, кои си ја сакаат работата и државата, па работите целосно да се поместат. Треба да се направи една институција, која ќе ја работи документацијата за јавни набавки за сите институции и при тоа, тие што ја работат, нема да знаат за кој станува збор, вели Петровски.

Само две од 15 претпријатија јавно ги објавиле повизите и огласите за јавни набавки

Од мониторираните петнаесет јавни претпријатија, само пет од нив  ги објавуваат наврмено годишните планови за јавни набавки.  Повици и огласи за тендери за јавни набавки објавуваат само две претпријатија, исто така две претпријатија објавуваат известувања за склучени договори, додека ниту едно претпријатие нема објавено известување за реализиран договор, утврдува мониторингот.

Извор:ИНИ – „Транспарентност и отчетност на јавните претпријатија и влијание врз бизнис секторот – Источен плански регион“ (2020).

Поголемата јавност и конкурентноста со учество на повеќе економски оператори на тендерите ја покажува моќта на пазарот преку постигнување на пониски цени при набавките. Ова го потврдува директорот на КЈП „Водовод“ од Кочани, Андреј Киров, кој од искуство со спроведување на јавни набавки оценува дека пазарот си го прави своето.

-Законот за јавни набавки е добро направен и доколку се следи, а се следи, цените се реални и одговараат на пазарот. Конкуренција има во секоја набавка. Доколку ни се јават пет – шест фирми и се евалуираат сите и се пуштат на аукција, пазарот си го прави своето. Со тоа добиваме и подобри цени. Реалниот сектор знае кои се потрбите на државата, изјави Киров.

Киров, кој е активен во Асоцијацијата на комунални претпријатија смета дека заедничко регионално претпртијатие на ниво на Источно планскиот регион со еден Управен одбор, може да биде добро решение и во делот на јавните набавки, каде би се постигнале добри цени и би донеле заштеда на граѓаните.

"Овие 15 јавно-комунални претпријатија се дел од вкупно 143 претпријатија во целосна сопственост на државата (Владата, Собранието и единиците на локалната самоуправа). Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека годишните приходи на овие претпријатија во 2018 година изнесуваа 807 милиони евра, со што уделот во бруто домашниот производ им изнесува околу 8%, а бројот на вработени е околу 29.000 (Документ за јавни политики, ЦГК 2018). Просечната стапка на профитабилност за анализираните 4 години изнесува скромни 5,9%, а средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит би ги обновиле за 38 години."

Како се набавува, по која цена и дали дадените пари одговараат на квалитетот е податок непознат за основачот на јавно – комуналните претпртијатија – Советот на општината. Членовите на Советот, кои ги одобруваат програмите за работа, финанските извештаи, како и плановите а јавни набавки, имаат само генерални податоци. Во случајот со ЈП „Исар“ од Штип, координаторот на советничката група на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Љубе Здравков вели дека знаат само дека претпријатието е во минус од два милиони денари.

-Ние во јавните набавки немаме никаков увид. Ниту минимален. Сето она што ние како опозиција, како партија го имаме како податок за јавни набавки, се податоци, кои ги добиваме на друг начин и ги презентираме пред јавноста преку наши пресови. Податоците не ги добиваме изворно. Свесни сме за многу работи кои ги изнесовме пред јавноста за судир на интереси на градоначалник, на директори, на нивни роднини  во јавните набавки во институциите основани од општината, каде јавно се гледа кои се договорачите,кои се операторите, изјави Здравков.

Советникот забележува на наметнатите улоги, каде опозицијата секогаш ги  напаѓа извештаите на претпријатијата, а власта се брани, а некаде во позадина останува интересот на граѓаните.

-Треба сите да бидеме во интерес на граѓаните, а не само кога ќе дојдеме на власт да си го браниме своето дека нашиот директор е најдобар, дека нашето претпријатие ние сега го водиме многу добро, а вие за никаде го водевте. Да, така беше и кога бев советник до 2013 година (ВМРО ДПМНЕ на власт н.з.),  кога ги браневме претпртијатијата со нивната работа. Ние сме избрани да ги штитиме интересите на граѓаните, смета Здравков.

Присутни се ризици од корупција манифестирани преку чести и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку ниската реализација на плановите, констатира истражувањето на ЦГК. Кај 16 од 37 претпријатија, реализацијата на плановите за јавни набавки е пониска од 50 %. Ова говори за несоодветна проценка на потребите и го зголемува ризикот од влијание на надворешни актери врз одлуките на службените лица што ќе се набавува, што создава можност за неформални договори.  Практиката потврдува случаи на менување на проценетата вредност на набавките без какво било образложение, што упатува на надворешни влијанија и договарања, а постојат и индиции за споделување на информациите за проценетата вредност на тендерите во случаи кога таа информација не се објавува јавно.

Оваа констатација важи за анализираните 15 претпријатија во источниот регион.  Истражувачите од ИНИ дополнигтелно заклучуваат дека тоа е уште еден доказ дека јавните претпријатија не постојат за да им служат на граѓаните туку информациите се чуваат за себе и се вадат само за контроли и ревизии.

„Доколку некоја интересна страна поднесе барање за информации од јавен карактер ќе ја добие информацијата, но целта е граѓаните да се поттикнат да учествуваат при носењето на одлуките, да има конкурентност во бизнис секторот, што ќе резултира со поквалитетни и поевтини услуги“, стои во анализата насловена „Транспарентност и отчетност на јавните претпријатија и влијание врз бизнис секторот – Источен плански регион“.