Општина Штип со план да воведе дигитални алатки во комуникација со граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/20 1:22 PM

Општина Штип со план да воведе дигитални алатки во комуникација со граѓаните

Олеснување за граѓаните, а поголема видливост за активностите на општината и општинските тела и институции, пред се’ на Советот на Општина Штип е воведување на дигиталната комуникација. Ова беше заклучено на јавниот настан, што го организираше ЗГ „Медиа плус“ од Штип, како дел од активностите од проектот „Кажи за другите да знаат“, поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ).

На настанот што се одржа на платформата ЗУМ, учествуваа претставници на Општина Штип, Советот, граѓани и граѓански активисти. Беа презентирани позитивни примери на употреба на дигитални алатки од страна на неколку македонски општини, како алатката „Пријави проблем“, „Систем 48“,„Е-општина –Пријави проблем“, „Прашај го градоначалникот“, како и употребата на две апликации за мобилни телефони, специјализирани за општините.

Пред присутните беше презентирана апликацијата „мЗаедница“ на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. Основачот и извршен директор на организацијата, Милан Танчески кажа дека апликацијата прва ја воведе во редовната комуникација со граѓаните Општина Карпош, а од почетокот на ноември ја воведуваат општините Валандово и Велес.Покрај можноста за комуникација по различни прашања, од неодамна апликацијата за потребите на Општина Карпош е надградена со можноста да се аплицира за општински субвенции.

За очекувањата од дигиталната агенда во регионот и во Македонија, како и можноста за нејзина имплементација зборуваше Мила Јосифовска Даниловска, менаџер на програми за општествена отчетност и човекови права онлајн на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис. Регионалниот проект ИЦЕДА е во функција на зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда, кој има повеќе компоненти. Јосифовска Даниловска  истакна повеќе препораки, меѓу кои потребата од дигитализација на сите јавни услуги, со поголем акцент на животните услуги кои на граѓаните им се најпотребни во текот на животот, барем до степен до кој тие услуги може да се дигитализираат.

Од страна на присутните беше констатирано дека Општината Штип нема ниту една од современите алатки за комуникација, поради што треба да се одделат ресурси и финансиски и човечки за основна дигитализација на услугите. Исто така беше кажано дека трендот, што бил почнат во 2013 година, кога е пројавена иницијатива и политичка воља за имплементација на дел од овие алатки, треба да продолжи во периодот пред нас.

Активностите на проектот „Кажи за другите да знаат“ на Медиа плус, продолжуваат со формирање на работна група составена од претставници на општината, граѓански активисти и експерти, кои ќе бидат во функција на унапредување на комуникацијата на општината. Ќе следи и мониторинг на промени, како завршен дел од проектот.