Контроверзниот напаѓач, некогаш една од најголемите надежи на италијанскиот фудбал, Марио Балотели, би можел да се врати во англискиот фудбал.
Поранешниот фудбалер на Интер, Милан, Мачестер Сити и Марсеј, на лето остана без клуб откако калчолигашот Бреша му го прекина постоечкиот договор поради непрофесионалниот однос на Балотели и недоаѓањето на тренинг.
По интересот на второлигашот Вотфорд, сега уште едно име од Чемпионшип се поврзува со неговиот потпис. Барнсли е екипата што се надева дека ќе ја заживее поторно кариерата на Италијанецот, а челниците на овој клуб Чиен Ли и Пол Конвеј веќе одржале разговори со неговите претставници.
До овој момент потенцијалниот трансфер на Балотели во Барнсли е „оставен на чекање“, бидејќи освен иницијалните разговори нема друг напредок во преговорите за неговата преселба во Англија.
Некогашниот број еден во нападот на Италија, во моментов тренира со четвртолигашот Франчакорта.