Во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија”, денеска ќе се одржи онлајн-дискусија и работилница на тема „Дефинирање индикатори за ризиците од корупција во јавните набавки на државните претпријатија”.
На дискусијата е најавено учество на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кои ќе говорат за потребата од поголема вклученост на основачите на јавните претпријатија и акционерските друштва во намалување на ризиците од корупција, како и на главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој ќе се осврне на насоките за мерки што треба да се преземат за намалување на корупцијата при јавните набавки.
Воведни обраќања за ризиците од корупција во претпријатијата во сопственост на државата ќе имаат холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп и Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, додека експертот за јавни набавки Дарко Јаневски, ќе ги презентира предлог индикаторите за мерење на ризиците од корупција.
Повод за оваа дебата и работилница е истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), во кое се посочени сериозни слабости во процесот на спроведување на јавните набавки во акционерските друштва и јавните претпријатија основани од Владата.
Дебатата се одржува со финансиска помош од Холандската амбасада во Скопје.