Саутгејт бара од Премиер Лигата да размисли уште еднаш за правилото од „пет замени“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/20 1:41 PM

Саутгејт бара од Премиер Лигата да размисли уште еднаш за правилото од „пет замени“

Проблемите со коронавирусот и честите повреди предизвикани од недостатокот на пред-сезона и физички подготовки, им создаваат главоболки на тимовите во Премиер Лигата и нивните тренери.

Интернационалната пауза дополнително ја продлабочи кризата, со оглед на тоа дека речиси немаше натпреварувачки ден во кој не се повреди некој фудбалер, или пак не беше позитивен на Ковид-19.

Премиерлигашкото египетско дуо Елнени-Салах, по последните тестирања во египетската репрезентација беа позитивни на вирусот. Ирскиот репрезентативец и десен бек на Тотенхем, Мет Доерти, исто така не остана имун. На настапите за Англија повреди заработија и Рахим Стерлинг, Џордан Хендерсон, Бен Чилвел, Рајан Брустер од Шефилд.

За да се превенираат ваквите несреќни примери, Премиер Лигата пред почетокот на актуелната сезона имаше предлог за зачувување на правилото од пет замени во еден натпревар, воведено во периодот на доигрување на сезоната 2019/20. Екипите во Премиер Лигата не го изгласаа предлогот, а таквиот потег сега може многу да ги чини.

Селекторот на англиската репрезентација, Герет Саутгејт, запрашан токму за зачестените повреди, особено кај „Гордиот Албион“, зборуваше дека челниците на Премиер Лигата треба и мора уште една да размислат за враќање на правилото кое го практикуваат добар дел од фудбалска Европа и застана на иста „линија“ со Јурген Клоп и Пеп Гвардиола.

-Ние бевме во можност да направиме пет замени против Белгија, направивме четири. Клубовите во Премиер Лигата тоа не го можат. Морам да бидам фер кон клупските тренери. Тоа се нивни играчи првенствено и имаат право да ги избираат кога се фит. Долгорочно повредите се проблематични, особено што нема зимска пауза, мора нешто да се понуди во тој контекст, изјави Саутгејт за „Скај Спортс“.

Англиската Премиер Лига со деветтото коло се враќа на програмата викендов.