Зошто некои мажи се фрустрираат кога ќе им се роди дете? Со психологот, Ирина Николовска за депресијата кај татковците – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/20 7:00 PM

Зошто некои мажи се фрустрираат кога ќе им се роди дете? Со психологот, Ирина Николовска за депресијата кај татковците

Иако звучни необично, одредени научни студии покажуваат дека по породувањето на жената, може да се јави депресија кај мажот. Според некои истражувања, еден од десет мажи по раѓањето на детето доживува депресија, која секако, не е иста со женската постпородилна депресија, но сепак го отежнува справувањето со предизвиците кои доаѓаат со проширувањето на семејството. Во овој месец, кој е посветен на машкото здравје, токму на оваа тема разговаравме со психологот Ирина Николовска, афирмирајќи ја поврзаноста меѓу родителството и машкото ментално здравје.

Како психологијата го објаснува создавањето на негативни емоции кај еден маж кој штотуку станал татко и практично, доживеал радосно случување?

Мажите не го носат плодот во своето тело, не минуваат низ процес на породување, значајни хормонални промени, доење.., меѓутоа процесот на станување родител и сите промени, одговорности и предизвици кои ги носи родителството, може да доведе до криза или депресивни симптоми кај некои мажи. Непријатните емоции може да се должат на неизвесност, страв и немоќ во врска со прашањето дали соодветно ќе се одговори на потребите на детето (и сите тековни и потенцијални промени кои ситуацијата ги носи), како и чувство на вина доколку не се одговори според очекувањата за новонастанатата ситуација. Понатаму, кон оваа состојба, значајно придонесува и нивото на зрелост и подготвеност на личноста за родителство, прашањето дали детето е посакувано и планирано во патнерството, нивото на поддршка од околината, постојаната посветеност, грижа и огромна енергија која ја бара новороденчето, како и неизбежното прашање за финансиска стабилност. Справувањето со сите овие аспекти и прашања, не е едноставен процес и сите овие животни промени може да го созреат и зацврстат, но и да го нарушат функционирањето на личноста, партнерстовото и семејството, по добивањето дете.

Дали и какви хормонални проблеми може да се јават кај мажите по зголемување на семејството?  Доколку да, како тоа влијае?

Кај мажите, секако, не се јауваат хормонални и хемиски промени во мозокот како резултат на бременост, породување и доење како кај жените, меѓутоа зголеменото ниво на стрес може да доведе до зголемено лачење на кортизол (стрес-хормон). Некои истражувања, исто така, покажуваат намалување на нивото на тестостерон и зголемување на нивото на естроген кај мажите, во период на добивање на новороденче. Во секој случај, промените кои го погодуваат мажите, не се од толку значаен физиолошки размер, како што се од емотивен и социјален карактер. Личноста може да чувствува намалување на самодоверба, немоќ и фрустрација во справувањето, балансирањето и одговрноста кои ги носат клучните животни улоги на родител, партнер, пријател, работник итн.

Кои се симптомите на депресивниот татко?  Како тоа може да влијае на целокупните семејни односи?

-Најчесто силна вознемиреност, значајно намалување на волевите снаги, интензивно чувство на тага и бесмисленост, нарушувања во сонот, исхраната и сексуалниот нагон се дел од симптомите на депресија. Додека кај жените постпородилната депресија најчето се јавува во првите недели по породувањето, кај мажите депресијата по станувањето родител може да се јави и подоцна, во текот на првата година од постанувањето родител. Покрај основните симптоми на депресија, може да се јават и поинакви облици на однесување како начини за справување со стрес преку – употреба на алкохол, дроги, изливи на бес итн. Доколку односите во семејството се веќе нарушени, ова може дополнително да го ослабе семејниот систем и задоволството од квалитетот на односите, довербата и самодовербата на членовите во семејството, да го зголеми нивото на стрес и да ја намали резилиентноста во справувањето со тековните проблеми и предизвици.

Како еден родител да си помогне во ваков случај и дали иако се работи за новороденче тоа може да почувствува одредена тензија?

-Во постпородилниот период, многу е значајна поддршката и помошта од најблиските, како и поширокото семејство и заедницата, но исто така и помошта и поддршката од професионалците за ментално здравје. Доколку симптомите на депресија го нарушуваат функционирањето во секојдневието на индивидуата или партнерите, и траат повеќе од две недели, потребно е да се побара професионална помош и поддршка, за надминување на ваквата состојба. Психоемотивната состојба на родителите, може да се одрази на квалитетот на грижата кон новороденчето и поради тоа потребно е родителите да покажат грижа и кон себе си, во овој специфичен и чувствителен период. Така, освен што грижата за себе ќе им помогне да се чувствуваат подобро, ќе бидат и поподготвени во одговарањето на потребите на новороденчето (љубов, внимание, исхрана, сон, нега итн).

Како партнерите да си помогнат еден на друг кога ќе добијат дете, а се под стрес, со цел да не се изгубат во новонастанатиот аспект на својата врска каде веќе не се само брачни другари, туку и нечии родители?

Партнерите тоа можат да го направат најмногу преку меѓусебна поддршка, искрена комуникација, распределба на обврските и поддршка од околината да одговорат на новите промени. Дали ќе дојде до криза или до зацврстување на партнерските односи, многу зависи и од тоа како партнерите претходно ја граделе врската, врз кои вредности и начини на пружање и љубов и грижа, и секако, како се подготвувале за родителството. Сите овие нешта се база врз која партнерите ја градат својата врска и во рамки на новата животна улога – како родители. Родителите не престануваат да бидат партнери кога ќе станат родители и потребно е заенички да пристапат во одоговорностите кои ги имаат, освен како родители, и како партнери. Секако, љубовта, вниманието, подршката, искреноста и отворената комуникација за сите задоволства, предизвици и непријатности кои ги носи овој период, се основа за сето тоа.

 

Вања Мицевска