Молдавија доби жена-претседател, Маја Санду ќе застане на чело на државата – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/20 9:52 AM

Молдавија доби жена-претседател, Маја Санду ќе застане на чело на државата

Поранешната премиерка на Молдавија, Маја Санду, победи во вториот круг од претседателските избори во Молдавија и ќе стане првата жена-претседател во историјата на оваа земја.

Иако досегашниот претседател Игор Додон беше фаворит за добивање втор мандат, според сите анкети и истражувања, за лидерката на „Работа и солидарност“ гласаа приближно 800.000 граѓани на Молдавија (54 отсто).

Санду, економист по професија, нејзината кампања и политика ја базираше на соработката со ЕУ, a критиката врз нејзиниот опонент се состоеше во ориентирањето на државата при негово водство кон Русија и оддалечувањето од европскиот пат.

Борбата против корупцијата и економскиот модел кој ќе отвора работни места во Молдавија и ќе ги врати оние кои се исселиле, беа главните точки во нејзината предизборна програма.

Молдавија е најсиромашна европска земја, поларизирана и растргната помеѓу Русија и ЕУ, вклучувајќи го и соседот Романија.