Заев: Се поизвесно е дека Бугарија ќе не блокира, но сепак не губам надеж – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/20 1:00 PM

Заев: Се поизвесно е дека Бугарија ќе не блокира, но сепак не губам надеж

Се поизвесно е дека Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија и земјата нема да ги почне преговорите со Европската унија и покрај позитивната одлука. Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е поприлично извесно дека Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија, на состанокот на Советот на ЕУ во вторник. Но, Заев вели дека тој никогаш не губи надеж бидејќи одговорноста на политичарите е голема предупредувајќи дека ваквата одлука може да предвика развој на непосакувани настани на двете страни.

-Јас сум подготвен и го потготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку, повеќе во проценти е извесно од тоа да добиеме позитивно. Но, сепак никогаш не ја губам надежта затоа што одговорноста е голема кај политичарите. Иако е ГАК на 17 рековме до декември има време, до крајот на декември е можноста за првата меѓувладина конференција, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по посетата на болницата во Струмица.

Очекувам одговорност, потенцира тој, крик на пријателство од бугарската страна заради тоа што кај нас имаат пријатели.

-Ако се испрати негативна порака сите знаеме што тоа непосакувано, верувам од двете страни може да развие. Не ни треба тоа, ни треба пријателство, подадена рака заедно да го чекориме европскиот пат, истакна Заев.

Северна Македонија и Бугарија во изминатите 20 месеци одржале 10 состаноци во однос на прашања поврзани со Договорот за добрососедство и за прашања за кои двете страни имале различни мислења. Заев потсетува дека досега е постигнато решение за пет историски личности и за три историски периоди, а дека решението, во духот на заедништвото, е блиску и за Гоце Делчев.

-За 20 месеци одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составувањето на кКмисијата или се состануваат еднаш годишно. Нашата Комисија со Грција се состанува два пати годишно. Овде имаме за 20 месеци 10 состаноци, во декември имаме следен состанок, што ќе се држи веќе помеѓу двете комисии. И за Гоце Делчев сме блиску, во духот на заедништвото, и верувам во сето она што во иднина ќе биде предизвик. Ја испраќам пораката да градиме пријателство. Лесно е да се гради непријателество. Денес европски е да се гради пријателство и да се биде храбар во тие одлуки, портенцира Заев.

Тој изрази надеж дека, како што кажа, пријателска Бугарија ќе остане на духот на пријателството.

-Ако не се од нешто задоволни од исполнувањето на Договорот имаат можност 130 пати низ 34 поглавја да стават вето или блокада, затоа што договорот како што знаете и во годишниот извештај и во преговарчката рамка, Договорот со Грција и Договорот со Бугарија, се составен дел. Тие се меѓународни договри кои имаат своја реализација. Уште еднаш напоменувам, тоа го потврдува и бугарската страна имаме решено пет историски личности, три историски периоди, спремни сме да ги објавиме и да почне имплементацијата во учебниците на двете страни и од македонската и во бугарската страна, рече премиерот.

Заев е убеден дека со позитивни одлуки се градат пријателски односи, со негативни одлуки градиме горчина.

-Не треба двата народи никој да ги одалечува треба да ги зближува. Тоа е историски повик, кон политичарите и кон нас, македонските и кон бугарските политичари. Двата народи се навистиа со заедничка историја, со заедничко минато. И од таа заедничка историја и минато се развиле денешните македонскиот и бугарскиот народ. Од словенската јужна група на јазици излезени се двата јазици бугарскиот и македонскиот јазик. Зошто не е доволно заедничко? Како тоа да биде заедничко а да биде бугарско? Или да биде заедничко а да биде македонско? Заедничко, е заедничко. Или заедничкото или општо треба да ги наоѓаме решенијата. Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носиме. Ако се позитивни, историјата ќе испише златни и позитивни букви, ако се негативни ќе испише горчина. јас верувам дека ќе бидеме сите мудри и паметни тоа да го направиме, истакна премиерот на Северна Македонија.

Нашиот народ, потенцираше Заев, никогаш не би ставил вето на бугарскиот народ.

-Нашиот македонски народ е голем пријател. Јас често кажувам со нашиот братски народ, ние сме братски народ и треба да се поддржуваме во иднина. Нашиот братски македонски народ никогаш не би ставил блокада и вето на бугарскиот. Јас знам дека бугарскиот народ не сака блокада или вето на македонскиот народ. Политичарите се тие кои ги носат одлуките. Разбирам не е лесно и во Бугарија има критички осврт, должност наша како политичари е да објасниме, затоа што признаваме дека уште повеќе да работиме, рече Заев коментирајќи ја изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која најави блокада за Северна Македонија.

 

МИА