Со сума од милион денари, Општина Куманово ќе учествува во изградбата на модуларен ковид центар во градот. Општинските средства ќе се користат за дотур на вода, гас, електрична енергија.
Предлог одлуката за одвојување на средствата советниците ја изгласаа едногласно на вчерашната седница.
Модуларниот центар ќе го гради Владата преку Министерството за транспорт и врски. Раководителката на секторот за урбанизам од општина Куманово, Лидија Ланг Спасовска информираше дека за ова дополнување на предлог програмата добиле допис од Министерството за здравство.
Доколку има потреба општината преку Советот ќе определи и дополнителни средства за поддршка на модуларниот ковид центар.
Претходно, од Болницата информираа дека модуларниот ковид центар треба да се изгради на просторот помеѓу инфективното и поранешен објект на физикална терапија кој од поодамна не се користи.
Во меѓувреме, претставници на Aрмијата, на Општината и на Црвениот крст оваа недела поставија привремен објект-шатор во кругот на Кумановската болница кој се користи како ковид чекална за пациентите, за да не се создава метеж во и онака тесните простории на Инфективно одделение.
МИА