Состојбата со коронавирусот во Македонија, која во последните недели станува посериозна, беше темата во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“, но не се заборави ни големиот успех на македонската фудбалска репрезентација со изборениот прв пласман на едно европско првенство, па на почетокот на двочасовната емисија гостуваше селекторот Игор Ангеловски.
– Ме прашувате кога ми беше најтешко на решавачкиот меч и победата во Тбилиси со Грузија. Јас ќе ви кажам кога ми беше најлесно – кога судијата отсвири крај на натпреварот. Пред мечот по малку стравував од преимпресираноста на нашите фудбалери поради важноста на мечот. Тоа малку се почувствува во првото полувреме, а во второто го немаше, па заслужено победивме. Силата на оваа репрезентација е што сме сите како еден без да правиме некаква разлика. Овде е и Горан Пандев, кој, со своето искуство и фудбалските и човечките квалитети, многу значи за сигуроста на екипата – истакна селекторот.
Тој одговори и на прашањето што очекува од Европското првенство в година. Ќе бидеме во група со Холандија, Австрија и со Украина.
– Сите се квалитетни репрезентации, но квалитетни сме и ние и тоа не треба да се заборава. Тоа е европско првенство. Се игра по еден меч. Оваа Македонија веќе на стравува од никој. Против секој противник ќе го даваме најдоброто од себе со цел да се добие натпреварот – рече Ангеловски.
За состојбата со коронавирусот гости во „Стадион“ беа Ален Георгиев, директор на Клиничката болница во Штип, Лилија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари, Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, акушерки и техничари, а водителот на емисијата Столе Наумов имаше онлајн-разговор и со Владимир Лазаревиќ, поранешен заменик-министер за здравство, кој сега работи во Дубаи. Беше емитуван и новинарскиот прилог на Весна Коловска за состојбата со коронавирусот во Македонија и во светот.
– Состојбата во Штип е непроменета во последните две-три седмици. Секојдневно ни’ се полни капацитетите на Инфективното одделение. По утринската визита, полесните пациенти се испуштаат, потоа се примаат нови. Регионален центар сме, па имаме пациенти од цела источна Македонија. Амбулантата е преполна во текот на целиот ден. Врз позитивните се врши комплетен преглед. Веднаш се примаат тие за кои ќе се процени дека им е потребна хоспитализација. За ковид-пациенти се приспособени или се приспособуваат и делови од други одделенија на Клиничката болница, а почнаа работите и за отворање модуларна болница со 54 кревети – истакна Ален Георгиев.
Поебен проблем биле позитивните случаи кај здравствените работници, поради што морале да бидат во изолација.
– Во моментот имаме само еден инфектолог зашто двете негови колешки се надвор од работен процес. На помош доаѓаат лекари од другите одделенија. Такви проблеми имаше и има во речиси сите одделенија. Најдраматично беше на одделот за лабораторија, каде што 80 отсто од персоналот беше позитивен и во изолација, па четворицата што преостанаа со максимални напори успеваа да ја покриваат работата 24 часа. Буквално, немаме оддел каде што не навлезе короната – рече Георгиев.
Владимир Лазаревиќ нагласи дека во Дубаи состојбата со коронавирусот не била алармантна, но таму сега, за разлика од овде, било лето и луѓето главно биле надвор.
– Во ОАР има десет милиони жители и дневно се регистрираат по 1.400-1.500 новозаразени и по еден, два до три смртни случаи. Но во Дубаи, во ОАР, населението е многу помладо отколку во Европа, во Македонија, а тоа не е толку во ризичните групи. Овде живеат главно млади луѓе, од кои многу доаѓаат да работат, па по извесно време се враќаат дома – истакна Лазаревиќ.
Лилија Чолакова – Дервишова рече дека уште на почетокот на пандемијата се направил голем хаос, па целокупното здравство кај нас било под најголем притисок досега. Таа апелираше сите што се здрави и не чувствуваат проблеми да не се обидуваат превентивно да употребуваат антибиотици додека не се консултираат со матичниот лекар.
Гордана Бешлиовска, пак, се пожали дека во многу здравствени установи и во време на пандемијата работат медицински сестри со договори на дело, со месечни примања од по 12.000 денари и без здравствено осигурување. Праша, како ќе се лекуваат ако се заразат?