Шест години немаа греење, седеа покриени само со ќебе- За тажните судбини со хуманитарецот Тони Станковски за Денот на љубезноста – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/20 9:30 AM

Шест години немаа греење, седеа покриени само со ќебе- За тажните судбини со хуманитарецот Тони Станковски за Денот на љубезноста

Љубезноста и хуманоста одат рака под рака, бидејќи енергијата и активностите што се потребни за хумани дела, прават луѓето да бидат љубезни едни кон други. Вака го почна разговорот со нас, првиот човек на Здружението „Љубезност“, Тони Станковски од Скопје. Токму овој човек од невладиниот сектор, го одбравме за наш согворник овој тринаесетти ноември, кој се одбележува како Светски ден на љубезноста. Како таков е воведен во 1998 година од страна на Светското движење за љубезност, коалиција на повеќе граѓански организации. Хуманата приказна Тони почнал да ја пишува уште во 2013 година, кога со неколкумина познаници решиле да се дадат себеси максимално, за да им помогнат на своите сограѓани кон кои животот, и не бил така милослив.

Од сендвичи со мармалад или ајвар до топли готвени јадења

Во 2013 година почнавме како граѓанска иницијатива. Неколкумина познаници решивме тоа да го правиме и на 29.12.2013 го организиравме првиот настан за делење оброци пред Спомен куќата на Мајка Тереза. Сакавме приказната да се прошири и да ги собереме на едно место луѓето на кои им беше потребна храна. Добивме дозвола од тогашното раководство на Спомен куќата во надворешниот дел да организираме настан. Тогаш мачкавме сендвичи со мармалад и ајвар, правевме чај и така почна се’. Тогаш како  иницијатива не можевме да организираме настани, не беше дозволено. Моравме да се формализираме па привремено функциониравме во рамките на едно друго здружение со нашава иницијатива, а во јануари 2015 го основавме Здружението „Љубезност“ и продолживме да го правиме формално сето она што претходно го правевме – се сеќава Тони на почетоците.

Тој веќе не може да изброи на колку луѓе им помогнале досега, но бројките со кои располага велат дека до 2015 година подготвувале по 70 оброци на неделно ниво, по што бројката почнала да расте, па понекогаш за една недела распределуваат и по над 200 оброци за сиромашните.

„Извесно време откако почнавме се приклучија и млади луѓе од иницијативата „Ретвитни оброк“ и тие почнаа да готват за нас, па ги заменивме мачканите сендвичи со готови јадења и плус почнаа и граѓани да готват по дома и компании да ни праќаат храна. Во континуитет до ден денешен нема седмица да е промашена, независно дали е студено или топло, празник или годишен одмор. Им делиме оброк на бездомниците, дури и сега во време на пандемијата.  И за време на пандемијата не застанавме, само се модифициравме согласно мерките и протоколите. Се движевме и за време на карантинот, за време на полициски час. Им носевме храна на луѓето бидејќи тие не можеа да излегуваат. Им бевме поддршка и добивме дозвола за движење од полицијата. Бевме поддршка на Град Скопје три дена во неделата, понекогаш и полицијата ни се јавуваше да реагираме за некој бездомник, вели Тони за Македонски медиа сервис.

За да бидете успешни во оваа работа, несомнено треба да имате многу љубов и емпатија. Сме виделе секакви судбини, сме посведочиле дека исти работи може да им се случат на најразлични луѓе, додава нашиот соговорник кому особено во сеќавање му останала судбината на една самохрана мајка на дете со церебрална парализа:

„Тие шест години немаа греење, седеа покриени само со ќебе. Домот не беше реновиран, тешко преживуваа. Со помош на донатори им купивме печка, се реновираше станот“.

Тоа е една од активностите со кои целосно го смениле животот на семејство од социјално-ранлива категорија, но Станковски смета дека хуманитарната помош не се состои само во финансиска поддршка. Тој и неговите љубезни соработници работат на реинтеграција во општеството на своите сиромашни сограѓани, од кои дел воопшто немаат дом:

„Имавме млад човек кој беше дел од една група на шест или седум луѓе од кои дел беа бездомници, а дел социјално загрозени. Ги однесовме во една фирма во Скопје која ја прифати нашата иницијатива, бидејќи се работи за луѓе кои долго се надвор од системот и од работен однос. Сакавме да ја срушиме бариерата на страв од непознатото. Ги однесовме луѓето да се запознаат со процесот на работа во таа фирма, разговараа со менаџментот во канцелариите, но и со вработените. Еден од нив се вработи и неговиот живот, но и на неговата мајка се промени. Она што го имаа како долг, полека почнаа да го отплаќаат. Тоа е само еден од повеќето примери во кои сме посредувале за вработување. На луѓето им даваме поддршка и за вадење документи, остварување на некое право, социјална помош и така натаму“.

Хуманоста на љубезните граѓани смести тројца бездомници и една самохрана мајка во топол и безбеден дом

Со оглед на темата, неизоставен дел од разговорот со Тони Станковски е и влијанието на пандемијата со коронавирусот врз нивните активности. Тој потенцира дека со кризата многу луѓе почнале да живеат во лоши услови. Една од нив е самохрана мајка која претходно работела како хигиеничарка, а по почетокот на кризата останала без работа и без неколкуте илјади денари потребни за месечната ќирија.

„И’  помогнавме, плативме ќирија и за декември, сега бараме работа за неа со колегите. Им помогнавме и на тројца бездомници за кои беше тешко да се најдат локации или место каде може да се сместат, но најдовме соби со тоалет и плативме ќирија со проект што го имаме и со една фирма која изрази желба да покрива трошоци.  Платена им е ќиријата, но работата е затворена само до овој степен,  па со нив продолжуваме да работиме. За дел од нив остваруваме и социјални права како социјална пензија или бараме работа ако е лицето работоспособно. Овие два месеца бргу ќе поминат и пак може да се соочат со проблемот на бездомништво, па сакаме во овие два месеца да направиме нешто плус за да функционираат нормално, па дури и да најдеме дополнителни извори за ова, пак во некое догледно време ќе треба да се потрудиме да најдеме можност они сами да придонесуваат за себе“, нагласува Тони.

Тој и останатите активисти биле позитивно изненадени од реакциите на граѓаните уште од почетокот на пандемијата која донела нови, но убави искуства:

„Индивидуалци активно се вклучија за да дадат своој придонес и  да помогнат некому. Првиот месец од пандемијата беше шок за сите, беше голем предизвик и се’ уште е. Ние се прилагодувавме на новите услови, па првите 20-30 дена се’ застана. Застанаа донациите, активностите, соработките, но потоа едноставно пак продолжија работите да функционираат и за радост на сите се запознавме со многу нови луѓе кои не ‘ контактираа и сакаа да дадат придонес. Се јавија многу луѓе на апелите да донесат храна во конзерви и потребите ги задоволувавме за следните 2 недели и беше изненадување тоа што во тешката ситуација се модифициравме.  Како народ сме љубезни и хумани и заеднички мислам дека можеме да помогнеме на што е можно повеќе сограѓани. Такво искуство имавме и со поплавите во 2о16-та година, но можам да кажам дека сме хумани и љубезни.  Можеме да сметаме на нашите граѓани“.

Сепак, забележува дека социјално-ранливите категории понекогш скептично гледаат на подадената рака за помош, бидејќи веќе одамна изгубиле верба.

„Се среќаваме со луѓе кои изгубиле доверба во институциите, но од различен аспект на гледање. Некои заглавиле бидејќи не знаеле што треба да направат, некои можеби немаат образование и решиле да кренат раце, градејќи некое мислење за институциите. Од друга страна, институциите им нудат нешто што за нив не е доволно, па во овој случај она што им го нудиме досега не сме имале екстремо правење бариери од нивна страна. Можеби имало некоја мала недоверба, но кога нештото ќе биде завршено, ним им се враќа довербата дека треба да се има надеж. Излегуваат од зоната на обесхрабреност. А и за да го правиме ова, пак ни треба соработка со институциите. Генерално, се завршуваат работите“, вели претседателот на Љубезност.

Токму поради ваквото искуство, активистите преговараат со Министерството за труд и социјална политика да се формира регистер на бездомни семејства, бидејќи такво нешто во државава не постои. Заложбите се прво да се регистрираат ваквите семејства на територија на Главниот град, за подоцна да се имплементира и во другите градови.

Убаво е чувството да се види насмевка на некoе лице кое изгубило надеж дека нешто ќе се промени. Патот е тежок и долготраен, но треба да има здрава основа.  Само хуманитарната помош не прави активни граѓани и затоа е важно да се работи за реинтеграција во општеството – заклучува хуманитарецот.

 

Вања Мицевска