Отворено писмо до Заев: Приватните специјализанти лечат пациенти во јавното здравство, но ако тие станат потенцијални пациенти, тоа за нив не постои – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/20 5:28 PM

Отворено писмо до Заев: Приватните специјализанти лечат пациенти во јавното здравство, но ако тие станат потенцијални пациенти, тоа за нив не постои

Спротивно на основните човечки приципи е да се побарува специјализант без здравствено осигурување да работи во Ковид центар. Правото на живот и здравје е загарантирано со конвенција за човекови права, а приватните специјализанти не треба да бидат исклучок од тоа. Вака денеска реагираше Здружението на лекари специјализанти, од каде испратија отворено писмо до премиерот Заев барајќи платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата.

До кога Државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови кои ни следуваат? Не претставувајте не’ пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното. Приватните специјализанти, потребно е да лечат пациенти во јавно здравствените установи, но доколку тие самите станат потенцијални пациенти, тогаш за нив јавното здравство не постои – велат од Здружението.

Лекарите специјализанти потсетуваат дека уште лани изработиле неколку симулации на буџет за дежурства кој ги опфаќа сите државни и приватни специјализати и истиот на месечно ниво изнесува нешто помалку од 25 илјади евра, сума која не би го оптоварила ФЗОМ.

Тие алармираат и дека во моментов нема јасни критериуми кои ќе ги регулираат категориите на лекари специјалзанти што од оправдани причини би биле изземени од работа во Ковид-19 центрите, како што е тоа случај со специјалистите. Оттука, тие бараат дефинирање на јасни насоки за тоа кои категории на лекари се иземени од работа во Ковид-19 центрите и истите би биле ангажирани во зелените зони.

Овозможете ни да им помогнеме на нашите пациенти и истоштениот систем, рамо до рамо со останатите колеги – велат специјализантите во денешното писмено обраќање.