Се подготвува теренот за монтажната болница во Штип за болни од ковид – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/20 3:47 PM

Се подготвува теренот за монтажната болница во Штип за болни од ковид

Двете јавни претпријатија од Штип – ЈП „Исар“ и ЈП „Стипион“ започнаа со рамнењето на теренот и поставување на водоводниот и канализациониот систем, како и за другите земјени работи за поставување на модуларната болница. Се очекува најдоцна за три недели, овие теренски работи да завршат. Но, неизвесно е кога ќе бидат поставени четирите бараки, каде се очекува да се постават 54 кревети.

-Општината Штип има обврска да го подготви теренот за монтажните бараки и инфраструктурата– електрична енергија, вода, канализација и пристапни патишта. ЈП „Исар“ и ЈП „Стипион“ оценуваат дека за три недели ќе ги завршат своите обрски, изјави Јане Миланов, вд. граодначалник на Штип.

Инфективното одделение е со целосно исполнет капацитет. Вчера и денеска, според директорот на Клиничката болница, Ален Ѓеоргијев, починати се двајца пацинети.

-Сите кревети, вкупно 55 на Инфективното одделение се полни, дополнителниот дел на Кожното одделение има шест слободни места, што дел се очекува да се ослободат. Доколку продолжи да расте бројката, ќе се оспособат делови од болницата за интензивна терапија на пацинетите, за тие со тешка клиничка слика. Мора да се обезбеди соодветен третман, а ние спремни да го дочекаме развојот на ситуацијата, рече директорот Ален Ѓеоргијев.

Ако порано на Инфективното одделение од лежечките пацинети, 15 беа пацинети со тешка клиничка слика, сега тој број е вдвоен, а расте и потрошувачката со кислород.

-Рапидно расте потрошувачката на кислород. Во септември потрошивме шест тони, во октомври дури 14 тони. Тоа е резултат на приемот на голем број пациенти со тешка клиничка слика. Претпоставувам дека потрошувачката од октомври ќе ја надминеме во ноември, кажа Ѓеоргијев.

Во текот на вчерашниот ден се добиени дваесет пулсоксиметри, со кои  се мери сатурацијата на кислородот, како што вели Ѓеоргиејев,  што е особено важно за тежината на текот на болеста и тежината на клиничката слика. Расте и потребата од регулатори на кислород. Набавени се нови 15 регулатори минатата недела, а доколку има потреба ќе се набават нови.

Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип сместува пацинети од цела Источна Македонија, каде живеат 220.000 луѓе. Од пред неполн месец Интерното одделение стана ковид центар. Потребата од нови капацитети за лекување на болни со ковид секојдено расте, како што се се зголемува бројот на новозаболени во регионот.