Проблемите во дефанзивната линија на актуелниот шампион на Англија не застануваат, откако на тренингот на англиската фудбалска репрезентација се повреди и централниот дефанзивец, Џо Гомез.
По тешката повреда на капитенот Вирџил Ван Дајк на дербито против Евертон, повреда која ќе го оддалечи Холанѓанецот од терените најмалку седум месеци и повредата на Трент Александер-Арнолд на последниот дуел со Манчестер Сити, на списокот фудбалери на кои Јурген Клоп нема да може да рачуна се најде и Џо Гомез.
Младиот дефанзивец на тренинг сесијата на Герет Саутгејт, побарал лекарска помош и се пожалил на болки во коленото, а според англиските медиуми повредата е потенцијално сериозна.
-Моите мисли се со него. Се надеваме и се молиме дека нема да биде долгорочна повредата. Останува да почекаме, изјави кратко Саутгејт.
Англија утре ја пречекува Република Ирска во пријателски меч.