Првите количини од бесплатните вакцини за сезонски грип пристигнаа во Гостивар и за еден час беа вакцинирани 40 граѓани. Според планот, вакцинирањето ќе се одвива по однапред утврден распоред за да не се создава метеж и непотребно изложување на ризик од КОВИД 19.
Првиот ден вакцината примија четириесет лица. Според најавите од здравствените власти, вакцини ќе има доволно.
Пунктот за вакцинација во Гостивар годинава е сместен во објектот популарно наречен „трудова медицина”. Вообичаено, вакцинирањето се врши во гостиварскиот центар за јавно здравје, кој годинава заради пандемијата е пренаменет.
– За потребите на општина Гостивар и околината, вчера добивме 400 дози. Од денес официјално започнавме со вакцинирањето. Тоа ќе се одвива според „мој термин” и според препораките од центарот за јавно здравје ќе биде со динамика од 25 дневно. На тој начин ќе се избегнат мешаниците и долгите редови, изјави д-р Лепа Цароска, одговорна за вакцинација.
Од Министерството за здравство информираа дека секој петок од тековната недела ќе се отвораат термините за вакцинација за наредната недела. Годинава се набавени 40.000 вакцини, што е најголем број досега.
Вакцините за сезонски грип се бесплатни за ризичните групи: лица постари од 65 годишна возраст, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до пет години, хронично болни лица, како и за здравствени работници во соодветни термини обезбедени за секоја категорија поединечно, со што ќе се задоволат потребите за имунизација на општото население.
По завршувањето на количините, лицата кои сакаат да се вакцинираат ќе треба да платат за една доза од вакцината.


