И бугарските академици ја поддржаа позицијата на Владата во Софија кон евроинтеграцијата на Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/20 10:29 AM

И бугарските академици ја поддржаа позицијата на Владата во Софија кон евроинтеграцијата на Македонија

Бугарската академија на науките (БАН) соопшти дека смета оти напорите на Владата на Бугарија „за интегрирање на Република Северна Македонија во вредностите на Европската Унија се плодотворни” и дека ја поддржува позицијата на официјална Софија во однос на евроинтеграцијата на земјава.

Во соопштението, како што пренесуваат бугарските медиуми, се посочува дека БАН не ги прифаќа преговарачката рамка за Република Македонија и придружната нацрт-декларација, онака како што се предложени во сегашната форма.

– БАН внимателно го следи развојот на односите меѓу Софија и Скопје, се наведува во соопштението на Академијата, нагласувајќи дека останува верна на традициите да се грижи за „проучување на бугарските земји и природа, бугарскиот начин на живот, литературниот јазик и бугарската историја”.

БАН посочува дека бугарските научници „со научни средства цврсто ќе ја бранат историската вистина за минатото на историско-географскиот регион Македонија, вклучително и за бугарската етничка и културна припадност на мнозинството од нејзините жители”.

– Академијата ќе продолжи со истражување на темата „Македонија” и популаризација на добиените резултати, без разлика на политичките влијанија и аспирациите на одредени кругови во Република Северна Македонија за промена на минатото, се вели во ставот на БАН.

Бугарија минатиот петок објави дека „не може да ја поддржи” преговарачката рамката за Република Северна Македонија за ЕУ”, при што, како што наведуваат бугарските медиуми, на состанок на Советот за општи работи на 17 ноември, Софија ќе треба да соопшти дали ќе стави вето на документот.

МИА