Ова е наша славна победа: Азербејџанскиот претседател за договорот за Нагорно Карабах – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/20 11:47 AM

Ова е наша славна победа: Азербејџанскиот претседател за договорот за Нагорно Карабах

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев порача дека договорот за Нагорно Карабах, што го потпишале Азербејџан, Русија и Ерменија, претставува воен пораз на Ерменија, јавува агенцијата Анадолија (АА).

„Денес е завршен проблемот меѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно Карабах“, изјави Алиев и додаде дека договорот на трите земји претставува последна точка во врска со решавањето на ова прашање.

Алиев потврди дека со договорот се запрени воените операции во регионот и дека Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите кои сега ги контролираат.

Азербејџанскиот претседател соопшти дека градот Агдам, кој е под окупација на Ерменија, ќе биде вратен на Азербејџан до 20 ноември. Келбецер ќе биде вратен на 15 ноември додека под контрола на Баку, Лацин ќе биде вратен на 1 декември.

Алиев рече дека руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а доколку не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.

Тој најави и враќање на бегалците на нивните огништа и формирање на механизам за надзор на спроведување на примирјето. Алиев изјави дека договорот предвидува и изградба на нов пат кој ќе ги спојува Нагорно Карабах со Ерменија. Ќе биде отворен и сообраќаен коридор меѓу Азербејџан и неговите западни градови како и до Автономната Република Наџиван.

„Пашинјан договорот го потпишува далеку од камерите. Не го потпишува по своја желба туку поради нашата железна тупаница. Овој договор е наша славна победа“, изјави Алиев оценувајќи го договорот како историски.

Претседателот на Азербејџан наведе и дека сегашниот договор не го третира статусот на Нагорно Карабах.